УЕФА не простува никому, па ни на Милан: Санкциите ќе бидат болни за „Росонерите“

2378

Агонијата на еден од најголемите и најтрофејни клубови на светот продолжува.

УЕФА денеска и дефинитивно го одби планот на Милан за финансискиот фер-плеј, кој се темели на евентуалниот пласман во Лигата на шампионите. Одлуката официјално ќе биде објавена утре, но медиумите од Италија дојдоа до сознанија дкеа европската куќа на фудбалот била немилосрдна, па дури и кога се работи за гигант како Милан, кој е втор најтрофеен клуб во Лигата на шампионите.

„Ни поставија услови кои никој не може да ги исполни“, огорчено тврдат од Милан, кои предложија проектираниот губиток од 150 милиони евра да биде разложен на четири години.

Но, во Нион немаат милост, па сега „Росонерите“ се соочуваат со жестоки казни.

Милан од годинава е во раце на нови сопственици. Силвио Берлускони го продаде своето милениче на кинески конзорциум предводен од Јонгхохг Ли, контроверзна личност која се претставува како бизнисмен милијардер, иако додека траеја преговорите, новинарите истражуваа за него и не успеаја да го најдат седиштето на неговата компанија. Дури и италијанските тренери во Кина, како Марчело Липи, се распрашувале за Кинезот и никој не го знаел. На крајот се дозна дека тој е познат најмногу по финансиските малверзации, а летово за да го засили тимот клубот потроши 230 милиони евра кои не се нивни, туку позајмени од американски фонд. Планот беше Милан да се пласира во Лигата на шампионите и на тој начин да ги враќа парите. Но, од оваа гледна точка, тоа делува како научна фантастика и јасно е дека ќе мора да следува нова продажба на клубот, бидејќи пари немаат и не можат да го покријат она што го бара УЕФА.

Тешко е да се верува дека „Росонерите“ ќе бидат исфрлени од Европа, бидејќи тоа не и одговара ниту на УЕФА, но од друга страна финансиската казна е сосема извесна, како и ограничувањето на бројот на фудбалери кои можат да бидат пријавени за натпреварувањето, ако се изборат за место во Европа годинава.

Исто така, ќе биде воведена стриктна контрола на трошење и Милан нема да може да позајмува играчи без плаќање на трансферите веднаш, што значи дека нема да можат ни да трошат пари за нови засилувања, бидејќи пари немаат. Единствен излез секако е продажба, која би ја пополнила касата, но тоа би биле болни зафати, со тоа што само Донарума има некоја сериозна цена, а играчите кои беа доведени летоска сега не вредат толку, односно нивната цена падна за вкупно 80 милиони евра. Сето тоа ја отежнува работата на „Росонерите“.

Ни евентуалните нови сопственици, како арапскиот милијардер, нема да можат да направат ништо веднаш, ќе мораат да се придржуваат до ФФП, но ако имаат пари, ќе се обидат прво да направат нов стадион и на тој начин да тргнат во долгото опоравување на клубот.