Убедлива победа на Шкупи над Академија Пандев, хет-трик на Баже Илијоски

260

Екипата на Шкупи забележа висока победа над Академија Пандев со 5:2, Работнички ремизираше без голови против Ренова, додека Победа и Пелистер одиграа 1:1 во рамките на 19. коло од Првата македонска фудбалска лига.

На натпреварот помеѓу Шкупи и Академија Пандев, кој поради лошите услови на стадионот во Чаир се одигра на „Борис Трајковски“ во Маџари, беа видени голем број атрактивни голови на двете страни.

Баже Илијоски веднаш ги освои симпатиите на „Шверцерите“ откако по само 23 минути игра комплетираше хет-трик и на најдобар можен начин дебитираше за екипата на Шкупи.

Со головите на Илијоски во 7, 17 и 23 минута, Шкупи поведе со 3:0. Стоилов намали на 3:1 во 31. минута, но во вториот дел Јашароски погоди за 4:1. Претходно, беше досуден пенал за Шкупи, Илијоски имаше шанса да го постигне својот четврти гол на натпреварот, но голманот Вујанац го одбрани неговиот удар.

Тоа го казни Грифони кој во 71. минута намали на 4:2, но само осум минути подоцна Стојкоски ги постави конечните 5:2.

На останатите натпревари, Ренова одолеа на гостувањето кај Работнички и извлече реми без голови, додека во пелагониското дерби, Победа и Пелистер одиграа 1:1. Стрелци на головите беа Маневски во 10 и Даноски во 12. минута.