„Турбо Македонија“: Убедлива победа за потврда на првото место, хет-трик на Митровски

374

Македонската фудбалска репрезентација до 19 години со победа ги заврши претквалификациите кои се играа во Скопје, откако денеска во последното коло го совладаа Лихтенштајн со убедливи 6:0.

Избраниците на Вујадин Станојковиќ на овој начин со максимален учинок по трите одиграни натпревари ја завршува оваа фаза од квалификациите на првото место во групата со максимални 9 бода од три одиграни натпревари и го обелија образот на македонскиот младински фудбал. По победата над Швајцарија и Белгија, младинците ја потврдија фаворитската улога и со убедливи 6:0 го совладаа Лихтенштајн.

Репрезентацијата до 19 години покажа како се игра против тотален аутсајдер (за разлика од У21 репрезентацијата која загуби од Гибралтар) и на најдобар можен начин ја завршија оваа фаза од квалификациите.

Веќе во 3. минута Чурлинов ја начна мрежата на Лихтенштајн, по што беше полесно за нашите момчиња да го декласираат противникот. Само четири минути подоцна, Колевски зголеми на 2:0, а во 25. минута Митровски се погрижи резултатот да гласи 3:0.

Во второто полувреме продолжи иницијативата и доминацијата на Македонија, па во 54. минута Митровски со својот втор гол на натпреварот зголеми на 4:0, по осум минути игра Миовски зголеми на 5:0, а во 73. минута Митровски го комплетираше својот хет-трик на натпреварот за конечни 6:0.

По завршувањето на оваа фаза од квалификациите, Македонија како првопласирана со максимален учинок од три победи во исто толку натпревари оди во Елитната фаза од квалификациите, додека втор патник од оваа група е репрезентацијата на Белгија, која ја совлада Швајцарија со 5:3 во директната пресметка за второто место.