Трета шанса во низа за пласман понатаму: Вардар вечерва против Малме ќе брка трето коло во ЛШ

508

Вечерва фудбалерите на македонскиот шампион Вардар на теренот на „Сведбанк“ стадионот го играат првиот натпревар против Малме од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Во изминатите неколку години Вардар играше добро и не се посрамоти, но немаше среќа и не успеваше да ја мине првата пречка и да се пласира во третото коло кое гарантира уште најмалку четири европски натпревари.

Второто коло во ЛШ како да е проколната граница за нашите клубови во ова натпреварување и никако не успеваат да ја прескокнат. Прашање е дали Вардар конечно може да да ја помине оваа бариера по претходните два неуспешни обиди во последните две сезони, а одговорот најверојатно ќе го добиеме по реваншот на „Младост“ во Струмица. Интересно е тоа што во претходните три обиди, Вардар играше одлично на првите средби против БАТЕ Борисов, АПОЕЛ и Динамо Загреб, но сепак е потребно многу повеќе од само добра игра на само еден натпревар, а доказ за тоа е што не успеаваше во реваншот да постигне резултат кој ќе го однесе во третото коло од ЛШ.

Вчера Вардар го имаше и официјалниот тренинг на стадионот „Сведбанк“ во Малме, а од оние кои отпатуваа за Малме повредени играчи нема, што значи сите конкурираат за настап на вечерашниот натпревар. Од пријавените играчи за настап во ЛШ, поради повреди во Скопје останаа Дарко Велковски и Џамбул Џигаури, што значи дека Седлоски на располагање ќе има 19 фудбалери.

Инаку, вреди да се напомене дека натпреварот кој ќе се игра вечерва е прв официјален меѓу Малме и Вардар во историјата. Тоа не значи дека двата клуба немаат меѓусебна историја, со оглед на тоа дека Вардар и Малме имаат одиграно пријателски натпревар, а нашиот шампион го совлада противникот со 3:1 во меч кој што се играл во далечната 1952 година, а бил одигран во Скопје. Сите во редовите на „Црвено-црните“ посакуваат така да биде и вечерва или пак на реваншот во Струмица, сеедно, само на крајот Вардар да биде тој што ќе мине во следното коло.

Натпреварот помеѓу Малме и Вардар започнува во 19:00 часот на „Сведбанк“ арената, а реваншот е во вторник на 18 јули во Струмица.