Тренчовски: Подготовките во Банско течат одлично, од утре почнуваме со подготвителни натпревари

1279

Помалку од еден месец го дели тимот на Академија Пандев од дебито во Првата македонска фудбалска лига.

Раководството на клубот ги презема сите мерки за што подобро претставување во елитната конкуренција. Ништо не е оставено на случајот, екипата во моментов се наоѓа на подготовки во Банско, а наскоро ќе се знае составот со кој екипата ќе игра во ПМФЛ.

За она што се случува во Академија Пандев во моментов, зборуваме со спортскиот директор и координатор на младинските категории во клубот Југослав Тренчовски.

СПОРТКЛУБ.МК: Тимот се наоѓа на подготовки во Банско. Какви се плановите пред почетокот на новата сезона?

ТРЕНЧОВСКИ: Со подготовки почнавме на 28 јуни, од 9 јули сме во Банско и тука остануваме 14 дена. Подготовките течат во најдобар ред, имаме прекрасни услови, температурата е одлична, многу пониска отколку во Македонија и тоа е се што би можеле да посакаме во моментов.

Во план е одигрување неколку контролни натпревари. Веќе в сабота играме со Царско село, на 18 јули со Победа, на 19 јули со шампионот на Туркменистан, на 22 јули со Неа Саламина од Кипар со што ќе го завршиме овој дел во Банско. Потоа имаме закажан натпревар со Ренова во Струмица и се надевам дека до почетокот на сезоната, 13 август, ќе бидеме сосема подготвени.

СПОРТКЛУБ.МК: Што се случува околу играчкиот кадар, има ли засилувања или планови за такво нешто?

ТРЕНЧОВСКИ: Има неколку играчи на проба, некои беа тука, па си заминаа, а во моментов имаме двајца играчи од Белгија: Бензузи Родан и Еди Дафе. Исто така, тука е Милован Петриќ на стоперската позиција. Постигнавме договор со голманот Никола Вујанац и Константин Чешмеџиев кој е дефанзивец, но може да се снајде и како последен играч за врска.

Би можел да кажам дека Петриќ е пред договор бидејќи се покажа како одлично решение и мислам дека со него би го комплетирале тимот за новата сезона.

СПОРТКЛУБ.МК: Како координатор на младинската школа, какви се плановите и активностите во тој дел?

ТРЕНЧОВСКИ: Во следниот период уште позасилено и сконцентрирано ќе работиме во младинскиот сектор бидејќи во првиот тим имаме веќе 12-13 фудбалери кои минале меѓу три и шест сезони во академијата.

Ни претстои турнир во Прага на кој ќе учествуваат фудбалери родени 1999 и 2000, потоа следува Скопје куп, па два турнири во Банско за генерациите 2004 и 2005. Меѓутоа, многу посериозно ќе се насочиме на работата со младите категории со рефреширање на програмата за работа на која ќе ставиме посебен акцент и се надевам дека ќе продолжиме со произведување млади фудбалери и школата ќе продолжи да биде сервис на првиот тим.