Трагедија ја потресе Англија: Премиерлигашка легенда почина од срцев удар

9439

Поранешниот англиски фудбалер Уго Ехиогу почина утринава на 44-годишна возраст како последица од срцевиот удар што го претрпе во текот на вчерашниот ден.

Ехиогу работеше како тренер на У-23 тимот на Тотенхем, а колабирал вчера во тренинг центарот на тимот. Иако му била укажана лекарска помош и цел ден бил под докторски надзор, Ехиогу не успеал да се опорави и утринава ја загубил животната битка.

“Со голема жал соопштуваме дека нашиот тренер на тимот до 23 години Уго Ехиогу почина”, се вели, меѓу другото, во официјалното соопштение од Тотенхем.

Ехиогу играше во Премиер лигата 19 години, а една сезона помина и во Ренџерс. Најдлабока трага остави во тимовите на Астон Вила и Мидлсброу каде помина вкупно 16 сезони и тоа во најдобрите времиња на овие екипи кои сега се натпреваруваат во Чемпионшип. Забележа и четири настапи за англиската репрезентација за која постигна и еден гол.