Торино се враќа по Несторовски: Двојно повисока понуда во јануари за Македонецот!

1374

Илија Несторовски е премногу квалитетен за да игра во Серија Б. Тоа им е јасно на сите во Италија, па и медиумите се зачудени зошто македонскиот голгетер се уште не направил трансфер во некој многу посилен и поквалитетен тим.

Но, сето тоа би можело да се промени веќе во јануари. Според торински „Тутоспорт“, тренерот на екипата на Торино, Синиша Михајловиќ е исклучително заинтересиран за услугите на македонскиот репрезентативец.

По пропаднатиот обид во финишот на летниот преоден рок, кога Торино понуди 7 милиони евра за Несторовски, сега „Биковите“ се враќаат и во јануари ќе се обидат да ја исправат грешката. Наводно, според „Тутопсорт“, Торино е подготвен да понуди 15 милиони евра за потписот на македонскиот репрезентативец.

Една од причините поради која Торино повеќе од двојно ќе ја зголеми понудата за Несторовски е фактот што нашиот репрезентативец неодамна го продолжи договорот со Палермо до 2021. година.

Клубот од Сицилија е во тешка финансиска состојба и претседателот Зампарини истакна дека би продал некој од најдобрите играчи доколку биде принуден на тоа. Од друга страна, Несторовски изрази желба да остане во Палермо и да му помогне на клубот да се врати во Серија А поради шансата која му ја пружи да заигра во Италија. Доколку Палермо биде принуден да продава, тогаш Несторовски и на тој начин би можел да му помогне на клубот и со трансфер во Торино да ја обезбеди иднината на клубот.

Несторовски минатата сезона постигна 11 гола во Серија А, а сезонава во Серија Б веќе има 9 гола на 12 настапи за Палермо.