Тодоров по враќањето во МЗТ: Се вратив дома

274

Новиот тренер на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, денеска ја одржа првата прес-конференција по доаѓањето во клубот на која го изрази задоволството од третиот камбек во таборот на „металците“, најавувајќи проект во кој во главна улога би биле македонските кошаркари.

„Среќен сум што повторно ќе седнам на клупата на МЗТ Скопје Аеродром бидејќи тоа е единствениот клуб од сите каде што сум работел во кој се чувствувам како дома. Ако пред шест години на првата средба со новинарите реков дека единствена цел ќе биде освојување на титулата, во што успеавме, овој пат си поставувам поинакви цели, кои не се резултатски туку се во вид на листа на приоритети. За мене е најважно да составиме екипа чија основа ќе бидат македонски играчи, да успееме да ја вратиме навивачката група ’Фемили’, околу мене да биде екипа составена од поранешни имиња на клубот, како и да се направи целосна реорганизација на младинската школа. Сето ова нема да биде воопшто лесно, но ќе почнеме чекор по чекор со надеж дека ќе бидеме успешни на крајот“, изјави Тодоров.

Во делот за обнова на сегментот кој се грижи за иднината на клубот, новиот стратег потенцира неколку точки во кои гледа простор за сериозно подобрување.

„Треба да престанеме да зборуваме за освоени титули и медали туку само за создавање играчи, кои во догледно време би можеле да влезат во конкуренција за настап во првиот тим на клубот. Во моментов би таргетирале две генерации, тоа се М-14 и М-16, кои заедно со собирање на талентите од цела Македонија би можеле со квалитетна работа да дојдат до нивото кое го посакуваме. Искрено, најрадосен би бил кога МЗТ Скопје Аеродром би останал без ниту една титула во младинските првенства ако за три-четири години се најдеме во можност да промовираме исто толку играчи во сениорскиот состав“, дополни повратникот на клупата на шампионот.

На ова се придодаде и директорот на клубот, Видоја Секуловски, кој само соопшто дека во прилог на оваа желба е и фактот што вториот тим на МЗТ Скопје ќе игра во Втората лига со што се отвора одличен простор за најталентираните младинци да играат на сениорско ниво и да се подготват за тоа што евентуално би ги очекувало во првиот состав.

Тодоров вчера потпиша договор со екипата од „Јане Сандански“ со важност до крајот на сезоната, а доаѓа на местото на Хрватот Анте Назор. Од вчера старо-нов член е и Дамјан Стојановски, кој им се приклучи на Марко Симоновски, Адем Мекиќ и Ксавиер Темс кои во моментов имаат договорни обврски со нашиот клуб.