“Тивкиот лидер” останува во Германија: Миркуловски уште една година во Вецлар

466

Македонскиот репрезентативец Филип Миркуловски денеска го продолжи договорот со Вецлар на уште една сезона, соопшти клубот.

Неговиот досегашен договор важеше уште четири месеци, но искусниот плејмејкер одлучи да остане во Бундеслигата до 30 јуни 2018 година. И тоа на општо задоволство на сите во тимот на Вецлар.

“Навистина сум среќен што Филип ја прифати нашата понуда за продолжување на договорот. Тој е “тивок лидер”, вистински модел на спортист и прекрасна личност”, изјави тренерот на Вецлар, Каи Вандшнајдер.

И самиот Миркуловски изрази задоволство од тоа што добил можност да остане уште една сезона во Вецлар и во Бундеслигата.

“Голема чест за мене е да го носам “зелено-белиот” дрес. Минувам прекрасно време во Вецлар, а и моето семејство ужива овде. Тимот го карактеризира фантастичнма атмосфера што е исклучително важно за успех. Продолжува проектот на Вецлар и среќен сум што можам да бидам дел од него”, изјави македонскиот репрезентативец.

Тој ја игра втората сезона во тимот на Вецлар откако претходно неколку месеци помина во Хановер.