Тестирање Toyota Auris Hybrid Fancy- Лекот за аеро-загадување и спас за домашениот буџет (Галерија)

305

Урбаниот и модерен дизајниран хечбек на Toyota, со дотерувањата и напредниот еколошки двигател – хибридниот погонски склоп, ја
отвори портата од иднината за домашните возачи со напредни сваќања и изградена совест за зачувување на животната средина.

Втората генерација на Auris по освежувањето, го прави многу попривлечен автомобил што ги следи дизајнерските трендови и модерниот стил со затегнати атлетски линии, а подобрувањата под „одеждата“ се адут плус за се поголем број на задоволни клиенти.

Модерниот, свеж пристап на Јапонците кон дизајнот дадоа резултат и Аuris е сега многу повеќе од само интересен автомобил. Тој е модерна, привлечна и
динамична скулптура на тркала. Се’„пука“ од динамика и елан. Светлосната група и маската се многу впечатливи и за визуелно Auris-от да биде привлечен за клиентите.

Внатре се е квалитетно, од материјалите па се до изработката, што и се очекува од модел на Toyota. Минимализмот е добро вкомпониран со модерниот стил. Мулти
–медијалниот уред, со навигација и конекција за паметен телефон е исчистен од многу копчиња бидејќи командите се префрлени на големиoт екран чувствителен на допир. Се е прегледно и едноставно за ракување и многу побезбедно бидејќи не ви го одвлекува внимананието од патот.

Напред се седи комфорно, а предните седишта со греачи се регулираат и по висина, па возачот со помош и на мулти функционалниот серво управувач што се регулира и по висина и по длабина без мака ја наоѓа најсоодветната положба.Прегледноста е одлична, а камерата за возење во рикверц многу го олеснува
маневрирањето и паркирањето на пренатрупаните паркиралишта.

На задните седишта е малку тесно, особено ако седат тројца возрасни патници, за двајца нема проблем ни на долги патувања..

Багажниот простор не е импресивен во класата, но со 360l во основа е сосема солидно. Но тоа е цена и на еколошкиот погонски склоп. Како и да е со преклопување на задната клупа се отвара простор со волумен од 1600l. Во внатрешноста имате и доволно прегради и фиоки за одлагање на дребулии, лименки очила, документи, ракавици…

Бисерот во приказната е хибридниот погонски склоп составен од 1.8-литарски атмосферски бензинец и електромотор со вкупна моќ од 136 КЅ
и 142 Nm достапни при 4000 в/мин. Одлично вкомпониран е и CVT менувачот со континуирано варијабилна трансмисија и виртуелно неограничен број степени на пренос кој дава гаранција дека моторот постојано ќе работи во најефикасен мод. Така Auris hybrid до 100 km/h забрзуваа за 10.9 ѕ и постигнува топ брзина од
180 km/h. Не импресионира,но штосот не е во тоа, туку во потрошувачката и ниската емисија на штетни гасови. Не е тркач туку модел за релаксирано возење и мала потрошувачка во градска експлоатација. Официјално Auris Hybrid троши 3.5l/100km во град, реално, со полни батрерии и внимателно возење без нагли стартови и забрзувања можете да ја спуштите и под 2.0l/100km.

Сепак кога нормално возите дури и во најголемиот градски метеж таа ќе се движи околу 5.0l/100km. податок кој вели дека дизел не ви е потребен. А бенефитот е уште поголем кога ќе видите дека емисијата на СО2 е само 82g/km во комбинираан мод на експлоатација.

Тоа за Скопје, кој зимава беше најзагаден град во Европа, а преполн со автомобилски крш, донесе од „Старата дама“ вистински лек за поздрава животна средина и почист воздух..

На отворен пат Auris Hybrid и при високи брзини е тивок,одлична изолација (за во град кога одите само на струја, околу четири – до пет km, движењето е бесшумно)петка и за комфорот во возењето. Потпирањето е добро и лесно се справува со нерамнините и дупките на патот.

Кога станува збор за опремата во моделот на тест имаме:мултимедијален систем, со MP3, USB, Bluetooth, контрола на клима и сето тоа преку екран чувствителен
на допир. Следи Hill Start Assist, управувач кој се подесува по висина и телескопски, а обложен со кожа, комплет електрика на прозорци и ретровизори со греачи, греачи и на предни седишта….сет од воздушни перници и завеси, ABS, TCS и ISOFIX приклучоци за детско седиште …

Заклучок Auris Hybrid е вистински избор за градовите каде струењето на ветерот е попречено од дивата изградба на облакодери, каде се уште се греат на фосилни горива и каде автомобилскиот пар е 15 години и постар. Но за негова поголема присутност на нашите патишта потребна е поголема свест и кај граѓаните и кај Власта која треба да обезбеди повеќе бенефити помали давачки и субвенции за тие што ќе се решат да имаат хибриден или потполно електричен автомобил. Работите одат натаму но да се надеваме дека ќе се забрзаат.

Еве како изгледаат и техничките карактеристики на Toyota Auris Hybrid fancy

Мотор: 1.8- атмоферски бензинец, четири цилиндри + електромотор

Моќност (системска): 136 КЅ

Максимален вртежен момент 142 Nm/4000в/мин

Максимална брзина: 180 km/h

Забрзување 0-100: 10.9 s

Димензии: Должина х Ширина х висина:

4330 mm х 1760 mm без с. ретровизори х 1475 mm

Маса: 1425 kg

Меѓуоскино растојание: 2984 mm

Багажник: 360 – 1600 l.

Потпирање: MacPherson напред, полукрута оска назад

Потрошувачка 100km: 5.0 l ( град) 3.5 l (официјална, градска)

Цана на моделот на тест: Auris Hybrid Fancy –

21.990 Евра (акциска 19.990 евра)