Суперталентите ги добија противниците: Македонија во група со европскиот првак, но е домаќин на квалификациите!

559

Македонските репрезентација до 19 години денеска ги доби своите противници на ждрепката за елитната фаза од квалификациите.

Македонија ќе игра против европскиот првак Англија, како и со Унгарија и Летонија во елитната група за пласман на ЕП 2019.

Групата сама по себе не е толку тешка, a олеснителна околност за нашите суперталенти е фактот што квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство ќе се игра во Скопје кон крајот на март идната година.

Нашата репрезентација одигра перфектни квалификации во групната фаза од претквалификациите која исто така се одигра во Скопје, победувајќи на сите три натпревари и заврши како првопласирана, пред фаворитите како Белгија и Швајцарија, и аутсајдерот Лихтенштајн. Избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ сега ќе го имаат последниот голем предизвик, пред посакуваниот пласман на завршницата на континенталниот собир. Македонија е носител во елитната група.

Задоволен сум од исходот на извлекувањето во Нион, мислам дека имаме голема шанса за нов, историски резултат. Групата е силна, но можеме да се надигруваме со сите, впрочем, тоа го потврдивме со пласманот во Елитната фаза и трите победи против Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн. Мислам дека и нашата публика ќе има можност да ужива во натпреварите, ќе играме на домашен терен, за тоа се изборивме и мораме да бидеме задоволни“, изјави Вујадин Станојковиќ, селекторот на Македонија до 19 години.

Квалификациите во сите групи мора да завршат до 20 мај, а само најдобрите од сите седум групи ќе бидат дел од завршницата на Европското првенство кое ќе биде во Финска, од 16 до 29 јули, што значи дека Македонија ќе води жестока битка пред се со Англија и Унгарија за освојување на првото место, но со оглед на тоа дека сме домаќини и бевме носители на ждрепката како првопласирана репрезентација во претквалификациите, јасно е дека главната битка ќе биде со „Гордиот Албион“ за освојување на првото место во групата.