Судиски криминал во Лас Вегас: Головкин го искрши Алварез од ќотек, па судиите направија невидена кражба

2800

Судиите во Лас Вегас направија невиден скандал. Херојот на Мексико Канело Алварез извлече реми во дуелот со Генади Головкин, неприкосновениот владетел во средна категорија.

Казахстанецот успеа да ги задржи титулите во верзиите ИБФ, ВБА и ВБЦ, но му беше украдено заслуженото право да може да каже дека го победи и Алварез. Не само што победи, туку го искрши од ќотек, но тоа не беше доволно за судиите.

Дури и мексиканските навивачи кои во „Т-Мобајл“ арената во Лас Вегас беа мнозинство, свиркаа откако беше објавено дека мечот за титулата светски првак во средна категорија помеѓу Генади Головкин и Саум Канело Алварез е прогласен за нерешен. Еден од најисчекуваните мечеви во поновата историја, освен оној на Мејведер и Мекрегор, од спектакл се претвори во фарса.

Непосредно пред мечот, обложувалниците го намалија коефициентот од 30 на 15, а дека нешто е сомнително, се виде на крајот од мечот. Головкин, кој со овој резултат ги задржа титулите, доминираше во текот на целиот меч и вистинско чудо е што Канело на нозе го дочека крајот на 12-тата рунда.

Мексиканецот добро го отвори мечот во првите три рунди и носен од громогласната поддршка, успеа да го здрма брилијантниот Казахстанец, но освен тоа, не успеа да направи ништо повеќе, а сигурно не доби 10 рунди како што тоа го виде судијката Аделајд Бирд. Токму нејзината картичка предизвика шок и невера меѓу сите, па дури и обичните лаици, со оглед на тоа дека секој кој во животот погледнал еден боксерски меч му беше јасно дека Головкин победи убедливо.

Алварез храбро се бореше, подобро влезе во мечот и подобро заврши, му зададе на противникот некои силни удари, но едноставно не беше на тоа ниво. Впрочем, Головкин зададе 218 удари, Алварез само 169. Кога нема нокаут, тоа одлучува.

https://youtu.be/2YskTWpclGc

Дека нешто не е во ред со судиите, се виде и кај картичките на преостанатите двајца делители на правдата. Дејв Морети борбата со бодови 115:113 ја пресуди во корист на Головкин, иако ниту тоа нема никаков разум, со оглед на тоа дека Казахстанецот убедливо победи по сите критериуми. На циркусот се приклучи судијата Дон Трела кој борбата ја бодуваше 114:114, што воопшто нема смисла, а незаслуженото реми за Алварез го обезбеди Бирд која пресуди со неверојатни 118:110 во негова корист.

„Го притискав секоја рунда. Добро е што и понатаму ги држам сите појаси, се уште сум првак, но секако дека сакам реванш“, изјави Головкин кој беше дочекан со овации на публиката.

Мексиканците разбираат бокс, а сигурно знаат повеќе од судиската тројка, па својот миленик го исвиркаа додека се обидуваше да го оправда резултатот.

„Освоив седум или осум рунди. Барем три пати го здрмав и се чувствувам фрустрирано поради ова реми. Ако сака реванш, ќе го добие“, изјави Алварез.

По мечот се огласија голем број легендарни боксери кои се побунија бидејќи сметаат дека токму нечесните судии се тие што го трујат боксот во последните години.