Судбината на Вардар: Балкански комплекс, неспособни директорчиња и скопски шминкерчиња

7911

Вардар ја заврши својата историска сезона во Лигата на Европа. За првпат еден македонски клуб успеа да влезе во одбраното друштво од најдобрите 80 клубови на Стариот континент и да разигрува во групната фаза од едно европско клупско натпреварување.

Настапот беше каков што беше. Вардар доживеа дебакл со 3 постигнати и 20 примени гола. Ќе се паметат искинатите мрежи на Гачевски на дуелите со Реал Сосиедад и Зенит во Скопје, како и историскиот бод против Розенборг во последното коло. Со тоа реми се спушти завесата на европската фудбалска есен која годинава за првпат пристигна во Македонија. Ред е да се израмнат сметките.

Тука не се мисли на статистиката, за неа пишувавме вчера. Тука се мисли на сето она што го следеше Вардар во неговата историска и дебитантска сезона во Европа, онаму каде претендираат да играат секоја година. Впрочем, такво беше ветувањето на газда Сергеј Самсоненко. Првата цел – Лига Европа во 2017, а следната е Лига на шампиони во 2020. Како тргнале, подобро и да не одат таму. Не фудбалерите, туку оние кои седат во столчињата. И тука пред се мислиме на оние послушни директорчиња кои си ги добија местата по стара „заслуга“, по партиска линија или како што е случајот со Академијата, поради „завршена“ услуга од претходно. Но, од одговорноста, пред се резултатската, не смеат да се амнестираат ниту оние најзвучните имиња меѓу нив како Мирко Спасевски, Дарко Панчев и Илија Најдоски.

Но, да почнеме по ред.

ЕВРОПСКИ (Балкански) КОМПЛЕКС

Вардар имаше навистина историска сезона. „Црвено-црните“ ја освоија шампионската титула во Македонија, со што добија виза за во квалификациите од Лигата на шампионите. За противник во второто коло го добија Малме, идеален противник за конечно да се мине првата пречка и Вардар да остане подолго во Европа од онаа „сезона на капење“ среде јули. И би. Вардар го прескокна Малме, најпрво одигра 1:1 во Шведска, а потоа на „домашен“ терен во Струмица славеше со 3:1. Вардар конечно го мина второто квалификациско коло, а во третото, кое гарантираше минимум четири европски натпревари, повторно налета на скандинавска екипа, овојпат Копенхаген. Повторно Вардар на домашен терен славеше, се испостави со недоволни 1:0. Реваншот во Копенхаген навести дека овој Вардар не е зрел за Европа, барем не со тој кадар и (не)искуство. Имаа „Црвено-црните“ резултат се до 75. минута, а потоа на дело се виде балканскиот менталитет. Копенхаген доби црвен картон, а фудбалерите на Вардар веќе помислија дека работата е завршена. Но, ладните Скандинавци немаа милост за топлите Балканци, па во финишот со 4:1 го демолираа Вардар и го испратија во плеј-офот од Лигата на Европа.

Сите веднаш го прежалија Вардар, со традиционалното македонско „што ќе беше, ако беше“. „Ех, да го миневме Копенхаген, сега ќе игравме во Европа“. Тоа го помислија сите откако Вардар во плеј-офот го доби „балканскиот Реал Мадрид“, екипата на Фенербахче. Но, тука дојде првиот потег на управата, онаа од спортскиот сектор. Гоце Седлоски си замина од Вардар, а на негово место дојде најдобриот македонски тренер според рејтингот во Европа – Чедомир Јаневски. И со тоа продолжи „вардаризацијата“, која започна со доаѓањето на Панчев на директорската функција.

Популарниот „Четка“ успеа да го надмудри Фенербахче, поставувајќи игра која доликува за Вардар во дуел со еден фаворит. Ако во Скопје имавме среќа, тоа никој не може да го каже за дуелот во Истанбул. Јаневски експертски ја постави тактиката, успеа да ги мотивира фудбалерите до небо, кои го надиграа Фенер на гости и се изборија за историски пласман во групата фаза од Лигата на Европа.

Се беше супер, одлично заокружување на одличната година за македонскиот фудбал, откако претходно репрезентацијата на Македонија конечно почна да бележи добри резултати, а младинците играа на едно Европско првенство. Но, како сите да се задоволија со тоа. Како да се загуби желбата, мотивот, борбеноста и волјата на играчите на дуелите со Реал Сосиедад, Зенит, па и Розенборг.

Тука се покажа колку Вардар е незрел за Европа. Упорно Вардарци зборуваа дека нема да се откажат, дека самиот пласман не ги задоволува, за по дебаклот од Зенит, кој го окарактеризираа како несреќен и резултат на ран гол и неискуство, да почнат да ретерираат дека првенството е најважно и дека оваа дебитантска сезона служи за искуство за понатаму. И само на тоа остана – задоволство од собирање искуство и да се игра во Европа во четврток вечер, а колку Вардар доби од сето ова ќе се види следното лето.

Колку Вардар успеа да научи за овие неполни четири месеци играње во Европа ќе видиме во идните квалификации, кои по се изгледа нема да бидат за Лигата на шампионите, туку за Лигата на Европа, бидејќи токму таа го зеде данокот и скопските „Црвено-црни“ се далеку зад оние тетовските, кои газат се пред себе.

Никој не оспорува дека пласманот во ЛЕ е успех од огромен размер за клупскиот фудбал во Македонија сам по себе. Особено кога ќе се види од какви „ниви“ и „свињарници“ изнедривме европски клуб. Но, за во Европа треба многу повеќе од рекорден буџет за македонски услови и супермодерни тренинг центри и академии. Резултатите покажаа, Вардар се уште не е европски клуб, бидејќи во Европа не се оди со 23 фудбалери, освен ако не сте Баерн, Барса, Реал, Челзи, Јунајтед, Сити… Премногу голем е напорот за било кој тим, а не па за Вардар кој на располагање сепак имаше 14-15 фудбалери кои според квалитетот можеа да истрчаат на мегдан со големите европски клубови. Во Европа не се оди со еден стартен тим и тројца резервисти кои ќе го изнесат товарот во шест европски натпревари, а притоа треба да бијат битка во ПМФЛ каде што ако доминирате не значи дека сте „печени“ за групна фаза. Вардар во моментов не може да се задоволи со ништо повеќе освен со максимата на Пјер Де Кубертен и „важно е да се учествува“. Со една ваква инфраструктура каква што има во Македонија, по се изгледа и тоа е многу. Залудно ФФМ се фали со своите проекти, кога клубовите не прават ништо и не вложуваат за да го одржуваат она малку што го имаат. Но, тоа е приказна за некоја следна прилика.

Вардар е само точка на фудбалската 2017. година која за нас беше најуспешна досега. Но, далеку е сето тоа од она за кое тежнееме и за кое веројатно потсвесно веруваме дека „таму на запад“ припаѓаме. Реалноста е сосема друга. Вардар, со еден ваков тим го извлече максимумот и ништо повеќе не можеше да направи од само еден бод и задоволство што имале шанса од прва рака да собираат искуство.

НЕСПОСОБНИ ДИРЕКТОРЧИЊА

Тука пред се се мисли на оние послушници кои седат во фотелјите од условно речено, неспортскиот сектор. Но, претходно да ги споменеме и оние другите – Дарко Панчев, Илија Најдоски, па и Мирко Спасевски. Спортскиот и техничкиот директор се највиновни што Чеде имаше само 14 фудбалери на располагање. По изборената европска есен, одлучија да ги пуштат Дамир Којашевиќ, Стефан Спировски и Џонатан Балотели. Последниве двајца се испостави дека недостасуваат во екипата и тоа како, а на нивно место доведоа недоволно проверени имиња како Итало и Вања Маринковиќ. Никој не го оспорува нивниот квалитет, но тие дојдоа предоцна. Вардар требаше многу одамна да ги обезбеди засилувањата. Ако не пред Малме, тогаш сигурно за дуелите со Копенхаген. Не за други, за играчите да можат да се воиграат, да се адаптираат на условите, а по некоја логика, според која работат големите европски клубови, оние заминувања од тимот во последните моменти од преодниот рок, да се заменат со проверени имиња, квалитетни играчи, кои секако дека ќе чинат многу, но вреди да се ризикува. Па со една победа во групната фаза во ЛЕ веројатно ќе ја извадеа нивната плата. Вака, останаа со Вања Маринковиќ и Итало кои не отскокнуваат премногу со својот квалитет, а дојдоа предоцна, наместо да ги доведеа многу порано, а потоа да бараат директни замени за Спировски и Балотели. Така се прави тим и автоматски Чеде ќе имаше повеќе играчи на располагање во екипата. Јасно е дека со амин на Самсоненко, Најдоски и Панчев, како некогашни фудбалски легенди кои знаат како се станува европски и светски првак и знаат какви играчи треба за во Европа, требаше да ризикуваат.

И самиот капитен Бобан Грнчаров истакна дека за Европа се потребни трипати поголеми вложувања. Бидејќи со Зенит и со Реал Сосиедад Вардар не може да се надигрува, барем не со овој состав.

Далеку од тоа дека во Вардар не знаат што е потребно за добар настап во Европа. Па на клупата ги имаат Чеде Јаневски кој долги години работи во Европа, за Панчев и Најдоски веќе рековме, светски и европски прваци. Тука е и Александар Васоски кој има огромно искуство од Бундеслигата, Грнчаров има настапи со АПОЕЛ во групната фаза од ЛШ, а претседателот Мирко Спасески беше дел од онаа генерација на Вардар која играше за првпат во Купот на европските шампиони против Порто.

Не само ризик, во Вардар требаше да бидат и малку поорганизирани во своите редови, подобро да ги испланираа каде ќе ги вложат парите. Вардар има скапо платени играчи кои не беа ниту пријавени во Лигата на Европа (Попов, Максимов), а недоволно широк состав кој мораше да биде засилен со адекватни играчи, бидејќи секоја чест за оние кои го изнесоа товарот во квалификациите, не можат да направат се сами.

Сега на ред доаѓаат оние другите директори, или подобро речено директорчиња на чело со Самоил Симев, бидејќи за поголемиот дел од нив прво работно искуство е во раководството на Вардар. Ги има во голем број, а прашање е дали некој од нив работи како што треба. Пред се тука се мисли на празните трибини. Да, вината е кај навивачите и незаинтересираните „шминкерчиња“, но вината, и тоа во огромен дел е кај директорчињата. Пред се, кај оние од маркетинг секторот.

Да, Вардар е бренд. Да, Вардар е најтрофејниот клуб во Македонија и има навивачи на цела територија, па и надвор од неа. Да, Вардар е првиот македонски клуб кој се изборил за место во групната фаза од едно европско натпреварување, но тоа не е доволно. Да имаа квалитетен кадар за „Пи-ар“ и маркетинг, во Вардар ќе го знаеја тоа. Не е доволно да имате бренд и да играте во Европа за да го наполните стадионот. За жал, таква е реалноста. А и самиот Самсоненко е свесен дека Вардар потфрли во таа смисла, но потоа потфрлија и направија уште поголем циркус.

Вардар мора да сфати дека во Македонија не се бори со останатите клубови за да привлече повеќе навивачи на трибините. Вардар треба да се бори со „ветерници“, односно да најде начин како да ги привлече луѓето од стадион и да ги натера наместо да седат по кафичи и кафани, да дојдат на „Филип Втори“. Не може по 20 и кусур години играње во македонско првенство, да се очекува дека ќе стане секојдневие исполнет стадион. Навивачите одамна ја загубија довербата во македонскиот фудбал, а само една добра фудбалска година, макар таа била и најуспешна во историјата, да биде доволна за се да се врати во нормала. Не, особено не кај нас, каде работите лесно се губат, а уште потешко се враќаат.

Па зарем ние новинарите треба да ги учиме тие „експертите“ по „Пи-ар“ и маркетинг како треба да се работи. Не само за натпреварите од Лигата на Европа, Вардар треба да настојува да привлекува навивачи на домашните натпревари, да се создаде култ како некогаш кон Вардар, да се натераат сите Скопјани, кои потајно во себе сите ја имаат ДНК-та на Вардар, да дојдат на стадион. Финти има безброј, но кој да ги искористи.

Наместо агресивна кампања низ медиумите, низ улиците, по билбордите, тие делеа гратиси по училишта и им се по*раа на суратот на оние Вардарци кои плаќаа и по 3.000 денари за блок карта за на Јужна и Северна трибина. Наместо да направат маички со натписи за историската сезона на европскиот Вардар кои ќе ги делат со блок-влезниците, или, на пример, да пуштат во ограничена продажба дресови на Вардар, но со логото на Лига Европа на ракавот, сувенири кои го одбележуваат пласманот во групната фаза од едно европско натпреварување и ред други работи, тие не направија ништо.

Нека тркнат до регионот, нека научат нешто. Вардар не е ништо помалку во Македонија, од она што се Црвена Звезда и Партизан во Србија. Но, кај медиумите кај нашите северни соседи од уста не го извадија историскиот факт дека двата белградски гиганти за првпат се избориле за настап во групната фаза во иста година. Секојдневно функционерите, играчите и легендите на двата клуба се јавуваа со изјави, па и со препукувања. Тоа е „Пи-ар“ господа. Партизан и Црвена Звезда секојдневно прават самите да бидат застапени во медиумите, макар и со контроверзни работи. Еве, сега не престануваат со вести, изјави и ред други работи откако двата клуба за првпат во историјата обезбедија и пласман во нокаут фазата. Вардар на својот веб сајт нема ништо освен роденденски честитки за своите фудбалери.

Еве и Осијек ќе го земеме како пример. Новиот проект во хрватскиот фудбал, со цел да ги анимира навивачите организираше „потрага по богатство“ низ градот, па оној кој ќе успее да ги „совлада“ трагите си добива бесплатни сезонски влезници. Наместо да делеа гратиси, во Вардар можеа да се сетат на такво нешто. Ем ќе ја достигнеа својата цел, ем ќе си направеа маркетинг. Но, на кој да му текне.

Мора да се признае дека ја утнаа работата и со цените за билетите. Најпрво поставија цена од 3.000 денари за мечот со Фенербахче во Скопје и да ја „продадат“ Јужна трибина на гостинските навивачи. Па мораа да се кренат „Комитите“ и останатите вљубеници во црвено-црната боја, за Самсоненко да се закани со заминување, па целата работа да се стиши и да се врати во нормала. Потоа истата работа се направи и во Лигата на Европа. Ако сето тоа било однапред смислено, тогаш станува збор за фантастичен трик. Прво набивате цена од 3.000 денари за еден натпревар, а потоа блок-влезници за Лига Европа за 3.600 денари. Па јавноста не се бунеше. Но, да бидеме реални, ако еден татко сака да го донесе своето дете на стадион да го гледа Вардар, тогаш ќе треба да издвои над 7.000 денари, што сепак е премногу за наши услови. И тука можеше да се направат неколку „Пи-ар“ и маркетинг трикови, па за секое дете што на стадион ќе дојде со својот татко да следува бесплатен влез, или да плати половина цена, или да добие дрес од Вардар, чисто за да се вроди љубов кај тоа дете кон нашиот фудбалски симбол…

Во спротивно, стадионот ќе ни зјае празен. На три меча во Скопје, вкупно публика имаше околу 38.000, нешто повеќе од вкупниот капацитет на стадионот. На дебито со Зенит имаше едвај 11.000 гледачи, со Реал Сосиедад благодарение на онаа „гратис кампања“ имаше (на почетокот) 20.000 гледачи, а половина од нив си отидоа веќе по 0:2 (натпреварот заврши 0:6). Со Розенборг следуваше вистинско фијаско и само 7.000 гледачи на стадион. Само за споредба, толку гледачи имаше пред неколку години на градското дерби меѓу Работнички и Вардар…

Не може да се каже и дека Вардар не доби помош од медиумите. Секојдневно си наоѓавме интересни приказни за да го разбудиме интересот кај навивачите за да дојдат на стадион. Сетете се само на онаа фама која владееше околу Вардар во онаа недела кога се играа двата натпревари со Фенербахче. Но, медиумите не можат повеќе од тоа, тука на сцена треба да стапат „експертите“ кои седат во фотелјите. Не сите ги следат спортските медиуми кои упорно верглаа за настапите на Вардар. Во Скопје има многу луѓе кои сакаат спорт, сакаат да гледаат атрактивен фудбал, но ништо повеќе од тоа. Голем дел од нив не знаеја кога игра Вардар, па со самото тоа и не купуваа влезници. Не беа свесни дека во Скопје се играат натпревари од Лигата на Европа, а оние малку поупатените, не знаеја кога Вардар игра натпревари.

На крајот на краиштата, може и малку поголема транспарентост. Нека излезат и некои „табу-теми“ во јавноста, со што ќе се привлече вниманието на Вардар, за што ќе зборува скопската чаршија во следниот период. Нека се откријат и платите на фудбалерите. Едноставно, нека има нешто што Вардар ќе го направи најинтересна тема. Можеби треба да се размисли и на пристап каков што имаат во Бундеслигата. Ниту таму квалитетот на фудбалот не е којзнае каков (спореден со најсилните европски лиги), па сепак стадионите на секој натпревар се преполни. Но, таму навивачите имаат секаква удобност и услови кои ги тераат да дојдат на трибините.

Вардар мора да смисли како да ги привлече навивачите на стадион, како да го натераат човекот да стане од удобноста на својата фотелја и да дојде да го гледа Вардар. Тоа треба да биде целта, да се натераат луѓето да излезат од својата комофрна зона дури и на натпреварите од ПМФЛ. Е тогаш ќе се полни „Филип Втори“ сам по себе на натпреварите од Лигата на Европа…

СКОПСКИ ШМИНКЕРЧИЊА

Факт е дека вината не е само кај директорчињата, туку и кај скопските „мангупи“. За нив е „испод чест“ да ги гледаат Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг, небаре Вардар до лани врза 20 сезони по ред во Лигата на шампионите и играше во нокаут фаза против Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен… Како да треба да биде шампион во второто по ранг натпреварување во Европа, па до нокаут фазата, на пролет, кога секако ќе биде убаво времето, ќе си преседат дома, а поддршка ќе дадат кога ќе дојдат оние најсилните и елиминираните од Лигата на шампионите. По пат, Вардар сам ќе се справи со анонимусите од Зенит каде имаат играчи кои беа купени за „само“ 20-тина милиони евра и ги води непознат стручњак како Роберто Манчини, или еден Реал Сосиедад кој во своите редови имаат играчи кои се репрезентативци на просечната Шпанија и на среќа ги победуваат Реал Мадрид и Барселона на домашен терен.

Можеби Вардар не е доволно „Партизановски“ или „Звездашки“ за нашите „мангупчиња“, без намера да се навредат оние навивачи на овие два клуба, а ги има многу во Македонија. Поголемо задоволство е да се отиде до Белград и да се навива за овие два клуба, а потоа да се продолжи во некој од култните белградски сплавови. Впрочем, отсекогаш скопските „мангупчиња“ имале „белградски комплекс“. Па така, имавме случај кога во ист период кога Вардар играше во Лига Европа, македонските навивачи заминаа до Белград за да гледаат Црвена Звезда – Арсенал.

Поинтересно е да се тера шемата низ скопските кафичи, отколку да бидат „видени“ на просечни натпревари од Лигата на Европа, иако Вардар стана првиот македонски клуб кој се изборил за една таква чест.

Џабе е се. И историската фудбалска година и успешната спортска година воопшто. Проблемот не е само кај фудбалскиот клуб Вардар, туку и другите спортови губат многу. На пример, доволно беше еден слаб настап на кошаркарската репрезентација, за салите сега да зјаат празни. Како луѓето да се заситија од сето она низ што минавме на спортски план изминатите години. Кога Металург стигна до четвртфиналето од Лигата на шампионите, цело Скопје навиваше за клубот од Автокоманда, билтетите се распродаваа за неколку часа, а денес, кога имаме многу слични или поголеми успеси, публиката ја нема никаде. Во никогаш поуспешната фудбалска година, „Филип Втори“ зјае празен и за репрезентациите и за Вардар. Кај нас, ниту спортот не е имун на познатата македонска поговорка дека „секое чудо трае три дена“.

Така беше и кога ракометниот клуб Вардар стана европски првак, па цело Скопје се дигна на нозе и трчаше на плоштад за да прави селфиња. Истата ситуација беше и кога Вардар се избори за европска есен, па трчаа сите по скопските кафани на „Боемска улица“ да се сликаат со новите спортски херои. Денес, неколку месеци подоцна, „Јане Сандански“ зјае празен ако во Скопје не гостува Барселона или Рајн Некар Левен, а „Филип Втори“ ни господ не го полни.

Веројатно ниту јавноста не ги доживува спортските приредби како семејни доживувања, шанса за родителите со своите деца да дојдат на трибините, да гледаат еден спортски натпревар заедно, но и тие веројатно не се чувствуваат безбедни повеќе поради хулиганските испади, кои за волја на вистината се навистина ретки кај нас. А да не се и оние најзагреаните навивачи, публика на стадионите ќе нема.

Проблемот е во тоа „помодарство“, но и во недостатокот на спортска култура. Едноставно, кај нас кога ќе одиш на стадион сите мислат дека треба да ја испукаат сета негативна енергија, а не да уживаат во умешностите на спортските актери. Веројатно ќе треба да се вратиме на просечноста, за повторно луѓето за неколку години да доаѓаат на спортските арени и да гледаат ретки, но квалитетни натпревари.

Затоа во меѓувреме стадионот ќе се полни само кога ќе гостуваат Иско, Иниеста, Пике, Рамос, Буфон, Верати како гости на македонската репрезентација, или кога ќе играат Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во Суперкупот на Европа, па тогаш и оние кои мислат дека ќе ги видат Меси против Роналдо на дело, ќе доаѓаат на стадион за да „пукаат“ селфиња.

Фудбалот одамна е бизнис и бара сериозни вложувања за да бидете конкурентни, за Вардар да не се посрамотува во Европа и за оние „незаинтересираните“ да доаѓаат на стадион. Простор за смешни измислици и импровизации во Европа нема, тоа ни го покажа оваа фудбалска есен која за првпат пристигна во Македонија и која добро ги отрезни сите во и околу нашиот бренд.