Суарез за Нејмар: Го знам добро, нема тој да оди во Реал Мадрид

537

Во последно време се погласни се шпекулациите дека Нејмар дополнително ќе ги разгневи навивачите на Барселона, па откако го напушти клубот на подмолен начин, за неколку години ќе го облече дресот на Реал Мадрид.

Познато е дека „Кралевите“ беа на прагот да го доведат во своите редови пред неколку години, но тој на крајот заврши во Барселона, а минатото лето за рекордни 222 милиони евра се пресели во ПСЖ.

Сега Реал сака да ја исправи грешката од минатото, а Перез да си ја исполни својата желба и да го доведе Бразилецот на „Сантијаго Бернабеу“.

Сепак, напаѓачот на Барселона, Луис Суарез, изјави дека не може да го замисли својот поранешен соиграч Нејмар еден ден да го облече дресот на Реал Мадрид.

Бразилецот по само неколку месеци во ПСЖ се доведува во врска со трансфер во Реал, особено што неколкупати влезе во конфликт со тренерот Емери и соиграчот Кавани.

„Искрено, не го гледам Нејмар во Реал. Знаејќи го него, тешко дека ќе игра за Реал. Тој секогаш се восхитувал на Барселона и на играчите кои играат тука. Сепак, свесни за неговиот потег од минатото лето и мораме да прифатиме дека сакаше нов предизвик. Верувам дека сега е среќен. Сигурен сум дека и понатаму ја сака Барселона“, изјави Суарез во интервју за мадридска „Марка“.

Меси, Суарез и Нејмар го сочинуваа фантастичното трио на Барса, едно од најдобрите во последните децении, за што говори и фактот дека постигнаа огромен број голови и освоија се што можеше да се освои.