Ставре Јада најуспешен во Скопје и блиску до олимписка норма

338

Вчера и денеска во Скопје се одржа ФИС Ролер Ски куп 2017.

Од оваа година, Ролер ски купот е во рамките на Светскиот куп во биатлон и бодовите освоени во овие натпреварувања се земаат предвид при остварувањето норма за Олимписките игри во Пјонгчајнг 2018 година. Трките се одржаа на падините на Водно во близина на комплексот Македонско село, а натпреварувачите учествуваа во четири категории: шест километри во машка и женска конкуренција, 2,5 километри во женска и 3,3 километри во машка конкуренција.

“Намерно го избравме терминот во пресрет на празникот за да не им пречиме на рекреативците за време, а во исто време да го одбележиме истиот. Можам да изразам задоволство од настапот на нашите натпреварувачи кои покажаа дека се во одлична форма”, изјави селекторот на македонската нордиска репрезентација Ѓоко Динески.

Најуспешен македонски натпреварувач беше Ставре Јада кој го освои второто место на шест километри и третото на 3,3 километри.

“Со овие резултати Јада е многу блиску до остварување олимписка норма. На следните два или три настапи ќе го потврди тоа и можам да кажам дека е фантастичен успех затоа што се работи за 19-годишен натпреварувач”, додаде Динески.

Во женска конкуренција, на 2,5 километри, Викторија Тодоровска го освои второто место, Марија Колароска третото, а Анамарија Зафировска четвртото. На шест километри, Викторија Јовановска беше најдобра освојувајќи го четвртото место.