Србија си го „краде“ назад Урош Матиќ: Несудениот македонски репрезентативец со повик во српската репрезентација

976

Помладиот брат на првотимецот на Челзи Немања Матиќ, доби повик во репрезентацијата на Србија.

Играчот за врска на Копенхаген Урош Матиќ, доби дополнителен повик во репрезентацијата на Србија од селекторот Славољуб Муслин за дуелот против Велс во квалификациите за Светското првенство 2018. година.

Тој по прв пат се најде на списокот на сениорската репрезентација на оваа земја, откако од тимот поради повреда отпаднаа Фејса, Радоја и Лукиќ.

„Играчот за врска на Копенхаген имаше одлична сезона и по неколку неочекувани откази поради повредите на Фејса и Радоја заслужено доби повик да и се приклучи на репрезентацијата. Долго време го следевме и веруваме дека брзо ќе се вклопи во нашиот начин на работа“, изјави Муслин за сајтот на ФФС.

Инаку Урош Матиќ требаше да игра за репрезентацијата на Македонија, откако и самиот потврди дека има желба да настапи во црвено-жолтиот дрес, пред се поради македонското потекло на неговата мајка, а и денеска има роднини кои живеат во Македонија.

Тој еднаш беше и во посета на ФФМ по што започна процедурата за доделување на македонски пасош со што би се стекнал со право да игра за нашата репрезентација, како играч со потекло од нашата земја. Сепак, од ФФМ предолго време веќе се чека на одлуката на ФИФА околу дозволата на Урош Матиќ да игра за македонската репрезентација, но таа се уште не е пристигната.

Во меѓувреме, Србија го искористи фактот дека има проблеми со повредите, па си го „крадат“ назад својот играч, кој доколку го прифати повикот и настапи на два официјални натпревари за Србија, ќе го загуби правото да игра за Македонија.