Србите го „шутнаа“, но Муслин пак ќе биде селектор на СП во Русија!?

1425

Поранешниот селектор на Србија, Славољуб Муслин, успеа да го одведе нашиот северен сосед на прво големо натпреварување по пауза од осум години.

Сепак, тоа не беше доволно за Фудбалската федерација на Србија да го задржи прославениот стручњак на клупата и одлучи да му се заблагодари на соработката и да побара нов селектор, а најверојатно таа улога ќе ја добие неискусниот Младен Крстајиќ, кој во моментов е в.д. селектор.

Муслин и покрај сите песимистички очекувања, успеа со Србија, со „стари и истрошени“ фудбалери да го освои првото место во групата и да оди директно на СП. Сепак, неатрактивната игра, безидејноста која беше видена на дело во последните два натпревари од квалификациите, како и упорното одбивање да ја подмлади репрезентацијата, пред се со ѕвездата на Лацио, Сергеј Милинковиќ Савиќ, значеше крај за него, па иако се избори за СП, тој нема да ја води Србија таму.

Но, тоа не значи дека нема да биде присутен на СП како селектор. Имено, тој е главен кандидат за клупата на Австралија, која исто така остана без селектор откако се пласираше на Мундијалот.

Медиумите во Австралија пишуваат дека Муслин веќе допатувал на преговори со тамошната федерација. „Кенгурите“ останаа без селектор откако Анге Постекоглу ја одведе селекцијата на СП. Тој веќе претходно најави дека ќе си оди без оглед на резултатот во квалификациите.

Репрезентацијата на Австралија на СП во Русија се наоѓа во група со Франција, Данска и Перу, а Славољуб Муслин во Австралија ќе го добие она што го заслужи во својата земја со својата матична репрезентација.