Скопје се буди, Аеродром ќе „гори“: МЗТ го пречекува Работнички во „Вечното дерби“!

344

Вечерва на програмата е уште едно вечно кошаркарско дерби на Македонија, она помеѓу старите градски ривали МЗТ Скопје и Работнички.

СЦ „Јане Сандански“ ќе гори, иако навивачите на домашната екипа, популарните „Фемили Аеродром“ нема да присуствуваат на натпреварот поради бојкотот кон управата кој трае повеќе од две и пол години, а својот кам-бек на трибините го најавија за мечот со Морнар во АБА лигата.

Но, „Сити Парк Бојс“, навивачите на Работнички, сепак ќе го збогатат спектаклот и ќе му дадат поддршка на својот тим кој сезонава игра во одлична форма и се надева дека по повеќе години ќе успее да ја спречи доминацијата на големиот ривал.

Меѓу МЗТ Скопје и Работнички, никогаш немало непознати. Секогаш, двете страни знаеле се, една за друга. Не може да биде поинаку, затоа што повеќето од играчите кои што играат во нашата лига, особено домашните, биле дел од двата табора. Токму тој сегмент, ќе биде најинтересен за неутралните фанови. Факторот изненадување ќе биде клучен за исходот во натпреварот меѓу лутите ривали.

МЗТ Скопје има 12 играчи се од врвен калибар за наши услови. Работнички, пак, има поединци за кои што индивидуално МЗТ нема одговор.

Но, сите фактори кои се важни за останатите натпревари, тука немаат никаква улога. Без разлика дали се одморни, уморни, малку, многу, квалитетни или неквалитетни мечеви, се паѓа во вода, кога ќе се истрча на „бојното поле“, каде што ќе преживеат само најстабилните, психички и физички.

Уште едно име што може да влијае на конечниот резултат, е Кирил Николовски кој го засили Работнички откако ги напушти Карпош Соколи. „Аеродромското дете“ може да биде клучот на Работнички ако има свој напаѓачки ден. По многу години одиграни во сино-белиот дрес и голем број дербија, тој за првпат ќе се најде на спротивната страна, што му дава дополнителен шмек на денешното дерби.

За Кире Николовски ова ќе биде прв натпревар, уште не е целосно вклопен, но има време. Не сме многу оптоварени од резултатскиот епилог на овој натпревар. Уште е почетен дел од сезоната и дербито доаѓа во вистински момент за создавање една кошаркарска еуфорија”, смета тренерот на Работнички, Марин Докузовски.

Како и да е, многу години поминаа откако последен пат големите градски ривали МЗТ Скопје и Работнички во исто време имаа квалитетни тимови и се бореа за титула. На сите им е јасно дека градските ривали ќе одлучуваат за шампионската титула во домашната кошарка.

„Без натпревар сме повеќе од 15 дена што некогаш е добро, но некогаш и не е бидејќи сме излезени од натпреварувачки ритам. Од друга страна, имавме проблеми со повреди, Чековски беше повреден, првпат тренираше на два дена пред дербито и имаше малку повеќе време да се рехабилитира. Од резултатски аспект овој натпревар нема големо значење бидејќи уште е почетна фаза од сезоната, но кога се игра против МЗТ Скопје, секогаш сакаме да победиме. Дерби е дерби, не е важно ни кој на кое место е, ни кој во каква форма, ни кој каков тим има“, изјави тренерот на Работнички, Марин Докузовски, кој додаде дека МЗТ и Работнички секогаш биле број еден во македонската кошарка.

„Секогаш се интересни тие натпревари и кошарката во Македонија, без да се навреди некој, ја правеле и ја прават Работнички и МЗТ Скопје. Сите имаат национални дерби дуели, овој е нашиот. Претходните години можеби не беше на старото ниво, но се надевам дека ќе си го вратиме“, вели Докузовски.

Тимот од Градски парк одлично почна во Првата лига, МЗТ Скопје уште се бара, но полека ги надминува проблемите со кои што се соочуваше досега. Меѓусебниот ривалитет е огромен, па во овие случаи се забораваат и сите повреди и сите други обврски и се што било претходно или што следува. МЗТ Скопје сериозно го пречекува натпреварот против Работнички.

Колегата на Докузовски од спротивниот табор, Александар Тодоров смета дека ова ќе биде дуел на две спротивставени филозофии.

Пред почетокот на сезоната реков дека за домашното првенство ќе размислувам по 10-ти март, односно кога ќе завршиме со настапите во АБА лигата. Но, натпреварот против Работнички е нешто сосема поинакво. Првпат оваа сезона во домашното првенство правиме комплетен скаутинг на противникот. Сакаме победа по секоја цена. Ова дерби претставува судир на две филозофии. Работнички ќе се обиде да не запре со силна одбрана и да не ограничи на околу 60 поени. Ние одиме на офанзива и над 80 постигнати поени. Кој ќе успее во својата намера, тој ќе слави”, изјави Тодоров, кој исто како Докузовски тврди дека МЗТ и Работнички се столбот на клупската кошарка во државата, притоа истакнувајќи дека во следните четири години, овие два клуба ќе ги освојуваат титулите во Македонија.

„Не би се согласил со констатацијата околу израмнетоста, но коментарот ќе го задржам за себе. Јас ги почитувам сите клубови во Македонија, не ги делам на големи и мали, но Работнички и МЗТ Скопје „ја прават“ кошарката во земјава. Од оваа гледна точка, можам да кажам дека во следните четири сезони овие два клуба ќе се борат за титулата во македонското првенство”, заклучи Тодоров.

Според статистиката, ова ќе биде 136. „Вечно дерби“, а досегашниот скор е 80-55 во корист на Работнички. Јасно е дека одамна кошаркарските вљубенци во Македонија немале шанса да сведочат на дерби дуел кој воедно ќе биде и најава за целата кошаркарска сезона. Меѓу МЗТ и Работнички ќе се водат најголемите битки за титулата сезонава, а првата е вечерва од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Денеска е празник на кошарката во Македонија. Скопје се буди, Аеродром ќе гори…