Сензационално: Браќата Бол ќе играат во АБА лигата!?

301

Цедевита доби понуда да ги потпише браќата Бол, со што хрватскиот тим би добил огромно внимание од светската кошаркарска јавност ако се оствари тоа.

Кошаркарското семејство Бол постојано се споменува во светската јавност, а овој пат пристигнува една помалку изненадувачка и сензационална вест – Ламело и Лианџело Бол и се понудени на Цедевита.

Станува збор за помладите браќа на вториот пик на годинешниот НБА драфт Лонзо Бол од ЛА Лејкерс.

Тие исто така се понудени на некои јапонски и француски тимови, на литвански Лиеткабелис, но засега не се знае каков е одговорот на овие тимови.

Семејството Бол е често во спортските медиуми, особено во САД, каде нивниот татко Лавар постојано се обидува да го привлече вниманието со цел да прави маркетинг за своите синови за кои вели дека се подобри и поталентирани кошаркари од Стеф Кари, Леброн Џејмс, па дури и неговото височество Мајкл Џордан.

Дека станува збор за талентирани играчи, во тоа нема дилема, но таткото Лавар токму со ваквите изјави успеа уште повеќе да го привлече вниманието на себе.

Лианџело Бол неодамна беше уапсен во Кина каде беше на турнеја со својот универзитетски тим на УЦЛА, бидејќи бил фатен како краде во супермаркет со неколку свои соиграчи. Татко му Лавар Бол го повлече од колеџ затоа што досега нема одиграно ниту минута, откако ја избра понудата на колеџот од Калифорнија, кој важи за еден од универзитетите со најдобра кошаркарска програма.

Парите, според американските извори, не се важни за семејството Бол, поважно им е Лианџело и Ламело да добијат минутажа во новиот клуб.

Инаку, помладиот Ламело неодамна го напушти средното училиште, бидејќи таткото Лавар одлучи да го тренира индивидуално и да го подготвува за професионалната кариера, а семејството пред неколку месеци лансираше и сопствена линија за спортска опрема, што исто така привлече огромно внимание, бидејќи реплика од патиките со кои игра најстариот брат Лонзо Бол во ЛА Лејкерс, се далеку поскапи од „Најки“, „Адидас“, „Андер Армор“, па и легендарните „Џорданки“, кои се најпопуларните патики меѓу кошаркарите во НБА лигата и светот.

Ако ништо друго, маркетиншки ова би бил исклучителен потег за Цедевита, но и за целата АБА лига.