Секој натпревар ги чинеше 1.000.000 евра: Крај на сагата за најлошата инвестиција на Барса во историјата

1679

На крајот веќе беше мачно и да се гледа. Барселона се мачеше да му најде нов клуб, Арда Туран ги одбиваше сите понуди, сосема задоволен со редовното место на трибините со годишна плата од 9.000.000 евра.

Оваа сезона не одигра ниту минута. Одработе по некој тренинг, бидејќи Турчинот постојано имаше некакви изговори. Конечно дојде разделбата која толку долго ја чекаа на „Камп Ноу“. Арда Туран и официјално прејде во Истанбул Башакшехир, откако Барса беше принудена да ја прифати понудата за позајмица во период од две и пол сезони.

Поточно, до летото 2020. година, кога на Арда ќе му истече договорот со Каталонците.

Финансиите засега се нејасни, иако прво се пишуваше дека Барса ќе добие обесштетување од 10.000.000 евра. Според последните информации, Каталонците нема да добијат ништо. Барем не фиксно. Зависно од игрите на Туран во Турција ќе добиваат некакви премии.

Барселона исто така го задржа правото во било кој преоден рок до истекот на договорот да го продаде Туран. Под услов тој да прифати секако, а до сега тоа не одеше како што треба. Ако ништо друго, барем се ослободи од неговата огромна плата. Таа сега ќе падне на плеќите на Башакшехир.

Како и да е, неславен крај на сагата која од стартот тргна во погрешна насока. просто, Арда Туран беше политичко засилување, не фудбалско, иако управата ја прикриваше одговорноста со тврдењата дека го доведува на барање на Луис Енрике. Сите всушност знаеја дека Арда е изборно ветување на Жозеп Мариа Бартомеу, кој тогаш се кандидираше за враќање на претседателската фотелја. Барса беше под забрана за доведување на играчи, а Бартомеу сеедно издвои 34 милиони евра со цел да го доведе Туран на „Камп Ноу“. Туран следните шест месеци ги преседе на клупата, бидејќи не можеше да биде регистриран. Сите други претседателски кандидати тогаш јавно се бунеа против овој потег на Бартомеу и бараа да биде поништен.

Не вредеше, Арда пристигна, освои еден куп трофеи, играше по малку, но никогаш ниту одблиску нивото на кое беше во Атлетико.

Вкупно одигра 55 натпревари за Барса, постигна 15 гола. Кога ќе се пресмета обесштетувањето и платата се доаѓа до податок кој вели дека секој негов натпревар ја чинел Барселона повеќе од 1.000.000 евра.

Каталонците велат дека тој денеска не изгледа како професионален фудбалер. Физички запуштен, секогаш се забавува, речиси никогаш не е присутен на тренинзите. Можеби поради тоа инсистираше на трансфер во Башакшехир. Само таму ќе го трпат таков. Бидејќи Арда Туран е во многу блиски односни со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, а јавна тајна е дека Башакшехир е милениче на Ердоган…

Без сомнежи, еден од најлошите, ако не и најлош потег на Барса во последните години. Дури и Дмитро Чигрински, кој се смета за целосно фијаско, барем врати дел од вложените пари кога подоцна се врати во Шахтјор, па Каталонците беа во минус од само 10.000.000 евра.