Самрак на српскиот ас: Тим го „уништи“ Ѓоковиќ

762

„Ролан Гарос“ ќе добие нов шампион откако денеска бранителот на титулата Новак Ѓоковиќ доживеа вистински дебакл во четврфиналето.

Уништен е од младата австриска надеж Доминик Тим кој славеше со 3-0 (7-6, 6-3, 6-0) за само два часа и 17 минути игра. Тоа беше едно од најслабите изданија на Ѓоковиќ во Париз поради што ќе загуби 1.640 бода на АТП листата.

Српскиот ас даде отпор само во првиот сет кој заврши во тај-брејк и се играше најдолго – 74 минути. Двајцата тенисери загубија по два гема на свој сервис, а Ѓоковиќ својата шанса ја загуби во десеттиот гем кога имаше две сет-топки на сервис на Тим. Австриецот успеа некако да се извлече, потоа во еден необичен тај-брејк и да дојде во водство од 1-0. Необичен, затоа што девет од вкупно 12 поени тенисерите освоија на сервис на противникот. Нешто подобар беше Тим кој не му дозволи на Ѓоковиќ да освои ниеден поен на свој сервис и на тој начин поведе.

Вториот и третиот сет беа далеку понеинтересни и Тим без проблеми успеа да ги добие. Во вториот сет направи брејк уште во вториот гем, а во третиот го “докусури” својот противник кој немаше ни волја, ни сила да направи пресврт, па загуби со 0-6.

Во полуфиналето, Тим ќе игра со Надал кој денеска ја помина четвртфиналната пречка откако неговиот сонародник Карењо Буста го предаде мечот.