Реал се загуби на Вембли, ама АПОЕЛ му ја разубави вечерта

814

Реал Мадрид го претрпе најтешкиот пораз во Лигата на шампионите последните години и првиот пораз во Лондон во елитното натпреварување.

И тоа каков. Во своето прво гостување на Вембли, “кралевите” буквално се загубија и се декласирани од Тотенхем со 0-3. Поради тоа веројатно ќе го загуби првото место во групата Х, но овој пораз ќе мора да ги разбуди сите во клубот бидејќи со него тимот влезе во губитничка серија.

Херој на Тотенхем беше младиот англиски репрезентативец Деле Али кој постигна два од трите гола за својот тим. Точно е дека првиот падна по чист офсајд, а при вториот имаше среќа затоа што топка удри во Серхио Рамос и заврши во мрежата на Касиља. Сепак, дека Реал има очајна одбрана се потврди во 65. минута кога Ериксен трет пат ја затресе мрежата на европскиот првак. Роналдо само го ублажи поразот со својот 111. гол во Лигата на шампионите.

Сепак, поразот на Вембли нема толку да боли благодарение на АПОЕЛ кој извлече реми на гостувањето кај Борусија Дортмунд (1-1). Поради тоа, Реал е на само чекор од пласман во осминафиналето бидејќи во последните две кола му е потребен само еден бод.

Во второто дерби на вечерта Манчестер Сити славеше на гости кај Наполи со 4-2 и веќе е осминафиналист бидејќи освои максимални 12 бода во досегашните четири кола. Драматичниот меч на Сан Паоло резултатски го отвори Инсиње во 21. минута, Сити направи пресврт преку дефанзивците Оттаменди и Стоунс, а откако Жоржињо израмни, Серхио Агуеро и Стерлинг му донесоа победа на својот тим.