Растур-систем во „Јане Сандански“: Вардар го уништи Целје

1340

Екипата на Вардар се врати на победничките патеки откако убедливо ја совлада екипата на Целје во рамките на СЕХА лигата со резултат од 35:27.

Гостите беа конкурентни само во првите пет минути кога резултатот беше 0:1 и 1:2, по што „црвено-црната“ машина започна да го гази противникот. Во следните десет минути, избраниците на Раул Гонзалес направија серија од 7:1, а во 15 минута да стигнаа до предност од 8:3. Нешто подоцна беше 12:7, но нов налет и серија од четири последователни голови ги однесоа „вардарци“ на највисоки 16:7.

Кога избраниците на Тамше ќе постигнеа гол, Вардар враќаше со серија од погодоци, така беше и кога намалија на 16:8, но со два брзи гола на Циндриќ и еден на Кањелас, нашиот првак стигна до двоцифрена предност од 19:8. До крајот на првиот дел го одржуваше водството и на одмор замина со предност од 20:10.

Во првите седум минути од вториот дел, Целје успеа со неколку врзани погодоци да го намали резултатот на 22:15. Нововлезениот Кристопанс, кој го замени Македа на десната бековска позиција постигна два гола и ја врати двоцифрената предност од 25:15. Милиќ стигнува до нови четири одбрани и веќе има 14 успешни интервенции, а шанса на голот доби младиот Даниел Ѓорѓески кој го замени Милиќ. Вардар немаше проблем да ја одржува високата предност, а се штедеа и силите за неделниот натпревар против Пик Сегед, во рамките на Лигата на Шампионите. Конечниот резултат беше 35:27.

Најефикасен во нашите редови беше Тимур Дибиров, кој постигна седум голови, додека Мартин Поповски постигна шест голови. Ова беше 13 победа и потврда на првото место во СЕХА-лигата.