Радичевиќ: Поддршката ни е неопходна, уште малку време ќе бидеме заедно

399

ЖРК Вардар рутинирано славеше против екипата на Будуќност, а една од најдобрите во составот на македонскиот ракометен тим беше Јованка Радичевиќ.

Црногорската ракометарка по завршувањето на натпреварот не го криеше задоволството од резултатот, а притоа и порача и на публиката да продолжи да ја дава својата поддршка за овој тим, бидејќи од следната година најголемиот дел ракометарки повеќе нема да бидат во Скопје.

Како што е познато, клубот врти нова страница во историјата, па во иднина наместо скапоплатени ѕвезди, ЖРК Вардар ќе се потпира на млади македонски ракометарки.

„Реков и претходно, Јане Сандански оваа година ќе биде неосвоива тврдина. Се подготвивме максимално за овој меч. Во првиот дел целосно доминиравме, а во второто се опуштивме поради високата предност, но сепак славевме победа. Ова не е нашиот максимум и се уште не сме го кажале последниот збор. Имаме уште многу што да покажеме. Сакам да и се заблагодарам на публиката за големата поддршка. На следниот меч нека дојдат уште повеќе луѓе на трибините, бидејќи нема уште долго да бидеме заедно“, изјави Радичевиќ.