Работнички имаше најголема среќа во ждрепката: Тре Пене – аматерски состав вреден 275 илјади евра

2269

Одличните резултати од пред неколку години го ставија Работнички во улога на носител во прцото квалификациско коло за Лигата Европа, па “романтичарите” речиси секоја сезона имаат лесна задача на почетокот.

Така ќе биде и сега бидејќи за противник го добија тимот на Тре Пене од Сан Марино. Нема многу работи кои можат да се кажат за овој тим освен дека се работи за тотално аматерски состав во кој половина фудбалери се домашни, а другата половина Италијанци. Вкупната вредност на екипата според Трансфермаркт изнесува 275 илјади евра, но за најголем дел од играчите и не е изразена вредноста затоа што се аматери. Најмногу вреди италијанскиот плејмејкер Никола Гаи кој се проценува на околу 100 илјади евра. Вистински куриозитет е голманот Алфредо Кјеригини кој е регистриран за настап иако има 51 година.

Претходните пет сезони Тре Пене играше во квалификациите за Лигата Европа и Лигата на шампионите, но на десет натпревари забележа само една победа со вкупна гол-разлика 6-41. Во домашниот фудбал, тимот има три шампионски титули и шест трофеи во Купот на Сан Марино.

loading...