ПСЖ најде начин да го доведе Алексис Санчез и да го заобиколи финансискиот фер-плеј

1253

Фудбалерот на Арсенал, Алексис Санчез, упорно одбива да го продолжи договорот со „Топчиите“, иако клубот од Лондон му нудеше фантастични услови за да остане на „Емирати“ уште некое време. Но, не е се до парите, има нешто и во спортските мотиви, па како што сега стојат работите, тој на лето како слободен играч ќе се пресели во некој друг клуб.

Летоска за малку тој не заврши во Манчестер Сити, дури и се подготвувал за фотографирање и официјална промоција во клупските обележја на „Граѓаните“, но во последен момент трансферот пропадна поради тоа што Арсенал не успеа да го договори Тома Лемар од Монако. Тогаш Сити понуди 70 милиони евра за Санчез, сума која е преголема за играч кој е во последната година од договорот, а сега Арсенал ни во сон не може да ја добие истата понуда.

Со цел да не го загубат бесплатно идното лето, челните луѓе на Арсенал веројатно ќе се одлучат да го продадат Алексис во јануари, но за значително помала сума, се со цел да не останат со празни раце.

Токму Манчестер Сити повторно фигурира како главен кандидат за неговиот потпис. „Граѓаните“, сега, се подготвени за него да понудат помеѓу 20 и 30 милиони евра во јануари и да го доведат на „Етихад“. Но, сериозен проблем им прави Пари Сен Жермен, кој има сосема различен план и концепт за доведување на Чилеанецот.

Според пишувањата на англиските медиуми, челните луѓе на ПСЖ се подготвени да му понудат преддоговор на Санчез во јануари, со цел да го обезбедат бесплатно за идното лето кога ќе му истекне договорот.

Познато е дека „Светците“ се под истрага на УЕФА за прекршување на финансискиот фер-плеј по трансферите на Нејмар (222 милиони евра) и Мбапе (официјално позајмица со задолжителна опција за откуп од 180 милиони евра), па се со цел да не си предизвикуваат нови проблеми, а освен тоа мораат да продаваат играчи во јануари, ПСЖ сака да го убеди Санчез да остане до крајот на сезоната во Арсенал, по што би дошол на „Паркот на принцовите“.

Прашање е дали Санчез би можел да се стрпи уште неколку месеци поради големото разочарување од пропаднатиот трансфер летоска во Сити, но аргумент на „Светците“ е што можат да му дадат драстично поголема плата.

Познато е дека слободните играчи секогаш добиваат многу побогати договори, пред се бидејќи заинтересираните клубови не мораат да плаќаат обесштетување за нив и дел од тие пари ги пренасочуваат за плата.

Така, ПСЖ планира да му даде бонус на Алексис Санчез во јануари во износ од 10 милиони евра за да ја прифати нивната понуда и да остане до крајот на сезоната во Арсенал, а тие пари нема да бидат од нивната сметка, туку ќе биде потпишан спонзорски договор со државата Катар според која Санчез би бил амбасадор на Светското првенство во 2022. година, слично како што беше направено во случајот со Нејмар.

Освен тоа, ПСЖ ќе му понуди плата од 18 до 20 милиони евра. Но, и тука наидуваат на проблем. Имено, финансискиот фер-плеј не се однесува само на парите кои ќе се потрошат за трансфери, туку и за плати. Со оглед на тоа дека играчите во Париз заработуваат огромни суми, ПСЖ мора да внимава и на тоа, па затоа, дел од платата повторно ќе му биде преку спонзорски договор со Катар.

Навистина лукав план на „шеиците“ од Париз…