Продолжува доминацијата на МЗТ: Карпош Соколи не успеаја да ја однесат титулата од Аеродром

650

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја одбранија титула во домашното првенство, откако вечерва, во фантастичен меч со драматичен финиш, го совладаа Карпош Соколи (86:82) во „мајсторката“ од навистина возбудливото плеј-оф финале.

Ова е шести триумф на „Штрковите“ во македонскиот шампионат во низа, со што дополнително е намалена разликата во однос на најтрофејниот Работнички, воедно и нивни најголем ривал, кој има 14 титули шампион на Македонија.

„Металците“ ја имаа контролата врз играта и резултатот речиси во сите 40 минути од вечерашниот дуел и сосема заслужено дојдоа до посакуваниот триумф. Голема заслуга за ова имаат и околу 3.000 навивачи кои даваа енергија во моментите кога беше најпотребно. Натпреварот течеше сосема неизвесно, онака како што доликува на финале на две квалитетни и силни екипи. Ниту една од екипите не успеа да направи двоцифрено водство, а Карпош Соколи и МЗТ постојано се менуваа во водство.

Соколите се држеа во поголемиот дел од натпреварот, а во последната четвртина, по украдената топка на Соколов, успеаја да дојдат до водство и да го направат финишот далеку поинтересен. Гостите од Карпош успеваа да ја држат предноста на своја страна. На околу три минути до крајот на мечот, резултатот гласеше 74:78 во корист на Карпош Соколи, но Лабовиќ поради пет лични грешки мораше да го напушти теренот предвреме, а тоа се чини како да беше одлучувачко во натпреварот.

Шутот престана да им служи на „соколите“, па МЗТ експресно успеа да направи пресврт и да се врати во водство, поведувајќи со 80:78 на помалку од две минути до крајот од мечот.

Работите за Карпош Соколи тргнаа во лоша насока и по петтата лична грешка на македонскиот репрезентативец Бојан Трајковски, по што Клоф зголеми на 85:80, резултат кој во тие моменти беше недостижен. Соколите секако се обидоа да направат чудо, но не успеаја во својата намера, па така МЗТ по шести пат во низа дојде до шампионската титула во Македонија.

Јунак на вечерта беше Шарлон Клоф со 29 поени, седум скока и пет асистенции, а голема заслуга има и Ѓорѓе Дреновац со 23 поени. Ксавиер Темс средбата ја заврши со 12 поени додека Данило Мијатовиќ постигна девет поени со седум скока. Кај Карпош Соколи, пак, најдобри поединци беа Пери и Лабовиќ со по 17 постигнати поени.