Премиер лигата се враќа на тронот, Шпанците пред елиминација уште во осминафиналето!?

1775

По денешната ждрепка за осминафиналето од Лигата на шампионите не стивнуваат реакциите по добиените двојки за првата рунда од елиминационата фаза.

Иако постоеше можност да гледаме многу повеќе дерби дуели, сепак на крајот добивме само два, а тоа ќе бидат Реал Мадрид – ПСЖ и Челзи – Барселона.

Впечатокот, од друга страна, е дека Англичаните мошне добро минаа, секако со исклучок на Челзи, но и Тотенхем кој ќе игра со Јувентус.

Освен Тотенхем и Челзи, останатите премиерлигаши минаа релативно лесно, со тоа што екипата која игра најубав и најубиствен фудбал сезонава, Манчестер Сити, ја доби најлесната можна задача, па во осминафиналето ќе игра против Базел. Ливерпул доби нешто потешка задача, но со оглед на тоа дека можеше да го добие Реал Мадрид, Јувентус или Баерн Минхен, мора да биде задоволен што ќе игра со екипата на Порто. Манчестер Јунајтед ќе игра против Севиља која мака мачи со формата оваа сезона и засега е непрепознатлива.

Со оглед на ова, впечаток е дека шпанските екипи, за првпат, теоретски, би можеле да бидат елиминирани веќе во осминафиналето, нешто што е незамисливо во изминатите неколку години. Актуелниот првак Реал налета на ПСЖ кој со милиони и милиони потрошени евра тргна во напад на европскиот трон. Барселона, пак, ќе игра против Челзи кој ќе биде мотивиран да се одмазди за она полуфинале во 2009. година, но „Сините“ ионака секогаш претставувале огромна тешкотија за Каталонците. Што се однесува до Севиља, јасно е дека е аутсајдер во двомечот со Манчестер Јунајтед.

Од друга страна, пак, премиерлигашите имаат шанса да се вратат на голема врата во Европа. Ако Шпанците испаднат во осминафиналето, тогаш отворен е патот за Англичаните да дојдат до европскиот трон, бидејќи во тој случај ќе ги немаат Реал и Барса кои традиционално се во топ 3 фаворитите за Лигата на шампионите.

Со претходниот пласман на сите пет екипи во нокаут фазата, што за првпат се случи во историјата на Лигата на шампионите, Премиер лигата сериозно претендира да ја прекине доминацијата на Шпанците, кои, како што рековме, се под сериозна опасност да бидат елиминирани веќе во осминафиналето, бидејќи ниту Реал, ниту Барса, а особено Севиља, не се фаворити во дуелите од првата нокаут фаза.

Последен пат кога една премиерлигашка екипа ја освои Лигата на шампионите беше Челзи, кој тогаш беше вистинско изненадување, бидејќи „Сините“ беа апсолутни аутсајдери против Баерн Минхен, а во последните десет години, покрај Челзи, уште и Манчестер Јунајтед дојде до титулата во ЛШ. Од друга страна, Шпанците доминираат во последната деценија и имаат шест шампионски титули.

Oсвен тоа, премиерлигашките клубови во последните години не можат ниту да помислат да се вмешаат во трката за титулата, со оглед на тоа дека рано ги завршуваа своите настапи во елитата, што веројатно, сега нема да биде случај.

Првите натпревари од осминафиналето во Лигата на шампионите се играат на 13, 14, 20 и 21 февруари, а реваншите се на програмата на 6, 7, 13 и 14 март. Финалето се игра на 26. мај на Олимпискиот стадион во Киев.