Првенството заврши, Вујо уште се жали: На пасивен напад, Лазаров 15 секунди не шутира, а судиите не реагираат

1051

Поранешниот селектор на Македонија, некогашен тренер на Вардар Про и актуелен предводник на националниот тим на Словенија, Веселин Вујовиќ, се уште не може да се помири со сето она што и се случи на неговата репрезентација на Европското првенство во Хрватска.

Шампионатот заврши пред неколку дена, а Вујо и понатаму коментира и се жали на некои од одлуките кои скапо ја чинеа Словенија на ЕП. Словенија на крајот заврши на осмото место, а Вујо не заборави да го „пецне“ и Червар.

Не сум ги сумирал впечатоците до крај. Општо мислење е дека оставивме многу подобар впечаток отколку што говори пласманот. Игравме добар ракомет. Во ситуација кога гледам како Лино Червар се жали за Дувњак, размислувам што требаше јас да кажам кога бев без шест играчи, меѓу кои Габер, Доленец и Хенингман, кога се гледаше дека во клучните мечеви недостасуваше ротација. Се на се, се претставивме како добра и креативна репрезентација. Оставивме добар впечаток и покажавме дека на секое следно големо натпреварување ќе бидеме многу опасни“, вели Вујовиќ.

Словенија од првата фаза на шампионатот пренесе само еден бод по ремито од Германија, а тој смета дека можеле да бидат многу повеќе ако немаше некои сомнителни судиски одлуки и на мечот со Македонија.

Имавме две топки против Македонија да завршиме нерешено. Под крената рака за пасивен напад, Лазаров 15 секунди ја чува топката и не помислува да погледне кон нашиот гол. Да им ја одзедеа судиите топката, можеби немаше да постигнеме гол, но барем ќе добиевме шанса за такво нешто. Па потоа следуваше онаа срамна одлука да се досуди седмерец по новите правила, кои се користат првпат против Словенија. Ги разбирам јас сите тие настојувања дека правилата се менуваат, но на онаков начин е жално. Да освоевме таму два бода или еден против Македонија, сигурен сум дека ќе ги добиевме Чесите, а немаше да ремизираме. Во тој последен меч не стигнаа заморот и исцрпеноста, но да имавме само бод повеќе, приказната ќе беше поинаква, сигурен сум. Не можам после се да кажам дека сум задоволен, но горд сум на своите момци“, вели Вујо, кој се осврна и на настапот на Македонија на Европското првенство.

Македонија на изненадување на сите го освои првото место во групата, но повредата на Лазаров покажа колку тој е важен за екипата. Македонија успеа да афирмира неколку млади играчи, играа сосема коректен ракомет, но мораат да се научат да играат без Лазаров“, додаде Вујовиќ.

Тој исто така се прослави со својата изјава на тајм-аутот против Шпанија кога на Благотиншек му рече: „Ако Кањељас те издрибла, ќе те убијам и тебе и себе, веднаш ќе не убијам на лице место. Кањељас умре одамна“. Ракометарот на Вардар, на крајот, дојде до европската титула.

„Секој пат нешто мое мора да стане популарно“, вели Вујо и додава: „Јас само сакав да кажам дека Кањељас е уморен, исцрпен и дека не може да мине покрај мојот играч од 22 години туку така. Го знам Кањељас многу добро. Лично сметам дека е во играчки пад, но неговото искуство допринесе Шпанија да ја освои европската титула и јас од се срце му честитам на тоа“, изјави Вујовиќ.