Прва титула и веднаш Гренд слем: Јелена Остапенко го освои Париз

770

Летонката дојде до својата прва ВТА, воедно и Гренд слем титула славејќи во финалето со пресврт над Симона Халеп.

Јелена Остапенко е шампионка на Ролан Гарос. Девојката за која малку кој знаеше пред ова издание на парискиот Гренд слем го направи невозможното освојувајќи ја својата прва ВТА титула и тоа на Гренд слем откако во финалето ја совлада фаворизираната Симона Халеп по пресврт со 4:6, 6:4, 6:3.

„Не можам да верувам дека сум шампионка на Ролан Гарос. Фантастично е да се биде тука во Париз“, изјави новата шампионка на парискиот Гренд слем.

Веќе во првиот гем од дуелот Халеп го загуби својот сервис и делуваше дека нејзината неискусна противничко ќе успее да ја „избомбардира“ со моќните форхенди, што и е и главно оружје со кое дојде до финалето. Сепак, младата 20-годишна Летонка досега во Париз не налетала на „ѕид“ каков што е Симона Халеп. А кога девојката од Констанца е во полна форма, нејзината одбрана е најдобра на светот. Се потпре Романката на тој аспект од играта и не погреши.

Во вториот сет по лошиот старт, Остапенко се разбуди и исвои четири гема во низа за 4:3 и во налет го израмни резултатот. Како што и доликува во едно големо финале, шампионката на Ролан Гарос беше одлучена во третиот сет во кој беше продолжена големата борба со доста брејкови и се до самиот крај не се знаеше на чија страна ќе одлучи среќата. На крајот, поголема желба, храброст, но и умеење имаше Летонката. Начинот на кој што дојде до одлучувачкиот брејк во најмала рака беше зачудувачки. Не и несекојдневен, бидејќи топчето од мрежата се одби буквално на неколку сантиметри во поле.

Халеп пропушти голема шанса со прва Гренд слем титула да се запише и на првото место на светската ранг-листа. Остапенко со овој триумф заработи 2.000 ВТА поени и дури 2.100.000 долари, додека на финалистката и следуваат 1.300 бода и 1.060.000 долари.