Почнува Супер-куп лудилото, аплицирање во УЕФА од идната недела

5473

На почетокот од идната недела, УЕФА на својата интернет-страница ќе постави апликација на која сите заинтересирани ќе можат да конкурираат за билети за Супер-купот што на 8 август ќе се одржи во Скопје.

Според најавите, во продажба ќе бидат пуштени околу 15 илјади влезници бидејќи остатокот од вкупниот капацитет (нешто над 33 илјади места) ќе биде поделен меѓу навивачите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Аплицирањето ќе трае до 4 јули по што по пат на лотарија ќе бидат одредени добитниците на билетите.

До почетокот на аплицирањето, останува да се утврди цената на билетите. Минатата година во Трондхајм, тие се движеа од 50 до 150 евра, но се очекува сега да бидат далеку поевтини.

Супер-купот на УЕФА се игра на 8 август, а меѓу себе ќе се сретнат екипите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.