Поранешниот освојувач на „Златната топка“ стана претседател на својата земја

1647

Африканската држава Либерија синоќа доби нов претседател во својот најголем и најпознат син.

Своевремено еден од најдобрите и најдоминантните светски играчи, поранешниот фудбалер на Монако, ПСЖ, Милан, Челзи, Манчестер Сити и Марсеј, Џорџ Веа, од синоќа е нов претседател на Либерија.

Тој победи на тамошните избори и на местото претседател ќе го наследи Елен Џонсон Сирлифе, од кого во 2005. година загуби на претседателските избори.

Познат како голем хуманитарец, Веа е долго време во политичките води во својата татковина, а сега го достигна и врвот на својата политичка кариера.

Во текот на својата играчка кариера, Веа ја освои француската Лига 1 со ПСЖ, а во два наврати со екипата на Милан беше и шампион на Италија, во тогаш убедливо најсилното првенство на светот, според многумина посилно и од Лигата на шампионите.

За најдобар африкански фудбалер е прогласен во три наврати (1989, 1994 и 1995 година), а во три наврати се најде во најдобрите 11 во изборот на ФИФА.

Во сезоната 1994/95 беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите, а во 1995. година ја доби и круната за својата величенствена кариера, освојувајќи ја „Златната топка“ за најдобар играч на светот, со што и ден денеска е единствениот фудбалер од Африка кој може да се пофали со оваа награда, a освен тоа, тој стана и првиот играч кој не е од Европа, а кој ја освоил престижната награда.