Пораз за крај: Си одиме дома со еден бод, но со кренати глави (ВИДЕО)

1467

Македонската фудбалска репрезентација со пораз ги заврши својот дебитантски настап на Европското првенство за фудбалери до 21 година.

По дебаклот од Шпанија и ремито со Србија, вечерва нашите млади фудбалери загубија и од Португалија со 2-4 за последно место во нашата група. За разлика од претходните натпревари кога македонската репрезентација доминираше во сите статистички категории, вечерва Португалците тотално не надиграа и заслужено стигнаа до победата која, сепак, не ги однесе во полуфиналето од Европското првенство.

Конечниот исход можеби ќе беше уште подобар ако немавме очаен почеток на натпреварот. По само 100 секунди игра, Ие веќе го отвори резултатот, а на средина од првото полувреме Брума со фантастичен гол зголеми на 2-0. При целата мака, Барди пред паузата го намали резултатот, но веќе на почетокот од продолжението Поденсе повторно ја одведе Португалија на два гола предност. Нашите фудбалери сосема опуштено го одиграа финишот и во такви услови создадоа неколку шанси, а Маркоски, на асистенција на Елмас во 80. минута намали на 2-3.

И покрај напорите, во финишот не успеавме да дојде до вториот бод на ова Европско првенство, а Португалците во првата минута од судиското продолжение преку Брума дојдоа до победата од 4-2. Сепак, Португалија за само еден гол не успеа да обезбеди пласман во полуфиналето бидејќи Словачка има гол-разлика 6-3, а Португалците 7-5.

https://www.youtube.com/watch?v=fkGhv4Wr8ZE

И покрај фактот што ја напуштаме Полска со само еден бод, младите македонски фудбалери се нашите нови спортски херои. На ова првенство покажаа дека не респектираат никого и дека против сите се обидуваат да дојдат до голот. Единствената работа што им недостасува е искуството, но тоа ќе дојде кога овие играчи ќе станат носители на играта на сениорската македонска репрезентација.

РЕЗУЛТАТИ
Македонија – Португалија 2-4
Србија – Шпанија 0-1

ТАБЕЛА
Шпанија 9 бода, Португалија 6, Србија 1, Македонија 1