Познати и можните ривали за второто коло: Работнички може во Белорусија, Шкендија во Финска, а Пелистер во Норвешка

491

Македонските претставници во Лигата Европа ги добија и можните противници за второто квалификациско коло од Лигата Европа.

Веројатно во моментов е тешко да се каже дали некој од нив помина добро, но во секој случај треба да се почека дали ќе ги минат првите пречки во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Ако за првото коло Работнички имаше среќе и го доби Тре Пене од Сан Марино, тоа не може да се каже за второто. Многу веројатно, “романтичарите” ќе треба да патуваат во Белорусија кај еден од најпознатите клубови од оваа земја Динамо Минск. Тој е апсолутен фаворит во двомечот со Рунавик од Фарски Острови, а Работнички, ако го помине Тре Пене, ќе се сретне со подобриот од тој дуел.

Шкендија има потешка задача од Работнички во првото коло бидејќи за противник ја доби Дачија од Молдавија, но се чини дека во второто ќе и биде уште потешко. Тетовскиот тим, ако помине во следната фаза, ќе се сретне со подобриот од двомечот меѓу Конахс од Велс и Хелсинки од Финска. Хелсинки пред три години играше со Работнички во квалификациите за Лигата на шампионите и сигурно не е посакуван ривал за ниедна наша екипа.

Пелистер е со најмали шанси да го помине првото квалификациско коло, но ако направи чудо се чини дека во второто го очекува полесен противник. Таму ќе игра со Хаугесунд од Норвешка или Колерејн од Северна Ирска, а фаворит е норвешкиот прволигаш.

Натпреварите од второто квалификациско коло се на програмата на 13 и 20 јули.