Петте најголеми трансфер разочарувања во Премиер лигата: На овие играчи се потрошени 160 милиони евра

1884

Англиските премиерлигаши изминатото лето на засилувања потрошија вртоглави милијарда и 612 милиони евра! Највеликодушни беа манчестерските клубови – Сити кој потроши 250 милиони и Јунајтед кој потроши 160 милиони. Веднаш зад нив е Евертон кој на засилувања потроши 158,2 милиони евра.

Токму едно од засилувањата на Евертон, Гилфи Сигурдсон, е најголемото оволетно трансфер разочарување. Евертон за него на Свонси му плати 50 милиони евра. Сигурдсон на своето деби против Хајдук на „Пољуд“ постигна спектакуларен гол, но тоа беше единственото нешто што досега го покажа. Во Премиер лигата, засега, не успеа да постигне гол, ниту да асистира. Навивачите на Евертон се надеваат дека директниот пласман на СП со Исланд ќе го подигне неговиот морал.

На второто место е Алекс Окслејд Чемберлен, кој Ливерпул ова лето го купи од Арсенал за 38 милиони евра. Англискиот репрезентативец за Ливерпул одигра десет натпревари и за сега се уште нема ниту асистенција ниту гол, а Јирген Клоп му дава се помалку шанса во тимот.

На третото место е уште еден играч на Евертон. Англискиот стопер со ирско потекло Мајкл Кин, кој пристигна од Барнли за 28,5 милиони евра. Кин добро започна во Евертон, дури постигна и гол против Хајдук во Лигата на Европа, но потоа, како и целата екипа на Евертон, драстично падна во својата форма. Екипата од Ливерпул во моментов го држи 16. место со само 7 освоени бода и ја имаат третата најлоша одбрана во лигата.

Бурнемаут минатата сезона во Премиер лигата одигра одлично и заврши на 9. место на табелата. Меѓутоа, во новата сезона влезе лошо и моментално е претпоследен со само четири освоени бода. Во сивилото се вклопи и холандскиот дефанзивец Нејтан Аке, кој ова лето за рекордна сума од 22,8 милиони евра пристигна од Челзи откако минатата полусезона ја одигра одлично на позајмица токму во Борнемаут.

Последен на оваа листа е Андре Греј, напаѓачот од јамајканско потекло кој Вотфорд го купи од Барнли за 20,4 милиони евра. Греј засега во осум натпревари постигна еден гол и има една асистенција, прамалку за најскапото засилување на клубот во историјата.