Перо Антиќ прогласен за заслужен граѓанин на Општина Центар (Фoтo)

573

Како признание за огромниот придонес во спортот и афирмацијата на Република Македонија и општината од која потекнува, Центар денеска му ја додели плакетата за заслужен граѓанин.

Носителот на три евролигашки титули, единствениот македонец кој играше во НБА, репрезентативец и капитен на генерацијата која го освои 4-тото место на Европското првенство во Литванија, се заблагодари за првото признание кое Општина Центар го доделува за заслужни граѓани.

“Особено сум задоволен што општина Центар, мојата општина и градоначалникот Андреј Жерновски ги враќаат терените, ја вративте младинската школа и ќе го вратите она што недостасува, уличниот баскет. Ова е мотив повеќе младите да тренираат и играат за да се најдат еден ден на моето место. А ние продолжуваме понатаму“, рече Антиќ.

 

Иако во 2001-ва година, тогашниот Совет на Општината донел одлука за доделување на признанија на заслужните граѓани, досега ваква награда нема никој добиено.

Сите општини, рече градоначалникот Жерновски, треба да го вреднуваат трудот и успехот на своите граѓани.

“Ова ги инспирира и младите генерации. Ако одлучите да наградите некој што навистина тоа го заслужува, нема подобра одлука тоа да биде Перо Антиќ. Ако сакате да играте финале во Евролигата и да освоите европска титула во својата екипа, земете го Перо. Тој е прв и единствен Македонец кој играл во НБА. На прашањето од каде му е сигурноста и дрскоста, Перо Антиќ знаел да каже “Тоа е она центарското во мене”. Перо Антиќ е извонреден сопруг и татко на три сина. Тој е првиот центарец кој ја доби наградата заслужен граѓанин“, рече градоначалникот Жерновски.

Одлуката беше едногласно донесена од Советот на општина Центар.

“Во име на Советот, му честитам за наградата и за почетокот на една нова традиција да се вреднува достигнувањето на најдобрите и најзаслужните. Овде со нас се и подмладокот на кошаркарскиот клуб Работнички, капитенот на шампионскиот тим на КК Работнички до 18 години и тренерот. Ова е предизвик за младите да се најдат на негово место“, рече советникот Игор Алаџајков.

Ова станува традиција и Општина Центар ќе доделува признанија за физички и правни лица за особени постигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието.

Ова ќе значи развој и афирмација на општина Центар и на Република Македонија во светот.