Перо Антиќ го уништи Реал Мадрид

538
peor

Црвена Звезда ја направи сензацијата на десеттото коло од Евролигата победувајќи го Реал Мадрид со 87:83 на гостински терен.

Звезда погоди 17. тројки од дури 40 обиди, но решавачка беше онаа на Антиќ на речиси осум секунди пред крајот со која го постави конечниот резултат, а на Реал не му остави време за пресврт. И претходно се насетуваше дека може да дојде до изненадување, Звезда водеше во најголемиот дел од мечот, во третата четвртина и со 13 разлика (60:47), но Реал никогаш не смее да биде отпишан, особено кога игра дома.

Тоа и го потврди, во третата минута од последниот период се доближи на 69:70, а на помалку од две минути пред крајот и израмни на 81:81. Одлучи брзоплетоста на Факундо Кампацо кој прво промаши зицер, а потоа направи непотребен фаул во ситуација кога гостите беа далеку од кошот, а резултатот беше 81:82.

Давидовац ги погоди двете слободни фрлања, а откако Рејес намали на 83:84, следуваше одлучувачката тројка на Антиќ.

Нашиот кошаркар не може да се пофали со којзнае каков ефект во нападот, погоди три тројки од осум обиди, а оствари и четири скока и една асистенција, но се истакна во одбраната каде во финишот тотално го затвори Дончиќ.

Победата е и казна за индолентната игра во одбрана на играчите Реал кои им дозволија на гостите да шутираат тројки од отворени позиции. Се истакна Дончиќ со 20 поени, но кога се решаваше победникот, тој успеа да погоди само од линијата за слободни фрлања.