Перез во нова офанзива: Реал за 25 милиони евра краде уште едно засилување на Барселона

2154

„Кралскиот клуб“ има шанса да дојде до две големи титули оваа сезона, домашната и европската, но сеедно голем број на имиња се споменуваат како потенцијални засилувања на „Сантијаго Бернабеу“.

Така Реал бара напаѓач, играч за врска, но и стопер, а изгледа дека Флорентино Перез веќе го избра засилувањето за оваа позиција.

Имено, шпанските медиуми истакнуваат дека Реал жестоко загризал за доведувањето на Давинсон Санчез, 20-годишниот стопер на Ајакс кој одигра и еден натпревар за репрезентацијата на Колумбија. Тој е еден од младите играчи кои воодушевија во овосезонската екипа на Ајакс, а сериозен интерес за него покажа и Барселона. Но, на „Камп Ноу“ не се подготвени да се залетуваат и веднаш да платат 25 милиони евра за него, колку што холандскиот клуб бара за Санчез, а Перез смета дека тоа е одлична шанса да го грабне играчот за кој смета дека со Варан ќе го сочинува стоперскиот тандем во иднина во Реал Мадрид.

Ова е уште една најава дека Реал сериозно размислува да го смени начинот на работа, односно да се насочи кон најдобрите и најталентираните млади играчи и полека да ги турка во својот прв тим. Сето тоа започна со Одегард пред неколку години, а продолжува со Марко Асенсио, Винисиус Жуниор, Тео Ернандез, како и неколкуте млади играчи кои Реал оваа сезона ги даде на позајмица како што се Борха Мајорал, Хесус Ваљехо, Диего Љоренте и Маркос Љоренте, за кои се очекува следната сезона поголемиот дел од нив да добијат шанса кај Зидан во првиот тим.

loading...