Панче Стојанов: Низ подготвителните натпревари ќе се искристализира составот

763

Тренерот на Академија Пандев, Панче Стојанов е задоволен од досегашниот тек на подготовките на првиот тим.

Новиот прволигаш веќе една недела тренира во Банско, а денеска го игра првиот подготвителен натпревар. Противник ќе биде бугарскиот тим Царско село и Стојанов ќе има можност да види до каде е Академија Пандев во моментов.

СПОРТКЛУБ.МК: По успехот во Втората лига, останувате да ја водите екипата и во елитата. Каква е атмосферата во тимот за време на подготовките?

СТОЈАНОВ: Засега е одлично, условите за работа во Банско се прекрасни, на располагање имаме два терени каде што работиме два пати на ден. На утринските тренинзи акцентот е ставен на физичката подготовка, а попладне работиме тактички. Здравствениот билтен е одличен, немаме повредени фудбалери и планот за работа засега е исполнет.

СПОРТКЛУБ.МК: Ви претстојат пријателски натпревари. На што ќе обрнете внимание на нив?

СТОЈАНОВ: Точно, денеска почнуваме со подготвителните натпревари и на нив треба да работиме на воигрување на тимот и на тактички план. Нашиот тим е составен од голем број млади фудбалери на кои ова ќе им биде прво искуство во Првата лига. Освен тоа, на проба имаме неколку играчи кои треба да ги скенираме низ овие натпревари и да видиме дали ќе ги задржиме како засилувања.

Товарот на тимот ќе падне главно на фудбалерите од минатата сезона. Засега имаме тројца нови фудбалери – Чешмеџиев, Вујанац и Петриќ, но со текот на времето ќе видиме дали треба да се освежиме или засилиме. Преодниот рок трае до 31 август, тоа е доволно време да добиеме јасна слика за нашиот тим.

Генерално, преку подготвителните дуели треба да се искристализира составот со кој ќе настапиме во Првата лига претстојната сезона.

СПОРТКЛУБ.МК: Како оди спојот на младите и искусните фудбалери?

СТОЈАНОВ: Тоа не е нешто ново кај нас. Јас сум тука веќе четири години и сите лиги ги поминавме на тој принцип. Голема среќа е што ги погодивме искусните фудбалери и квалитативно и карактерно и тука се во секој момент да им помогнат на младите. И самото наше име – Академија Пандев зборува дека кај нас акцентот е ставен на младите играчи. Наша стратегија е да излегуваат што повеќе фудбалери од младинскиот погон и јас сум презадоволен од нив.