Охриѓанецот Осман заедно со Леброн Џејмс ќе се бори за НБА прстенот во следната сезона!

1400

Турскиот репрезентативец со потекло од Македонија, Џеди Осман, ја напушта Европа и следната сезона ќе игра во НБА лигата.

Осман, кој е роден во Охрид и игра за Анадолу Ефес, се појави на НБА драфтот во 2015. година и беше избран од страна на Минесота како прв пик од втората рунда, но веднаш беше проследен во Кливленд Кавалирс.

Екипата од Охајо одлучи да го врати во редовите на Ефес, каде играше во изминатите две сезони, а сега дојде време турскиот репрезентативец да се проба во најсилната кошаркарска лига.

Имено, според пишувањата на „Беин Спортс“, Осман ќе потпише тригодишен договор со Кавси тежок 8,5 милиони долари.

Кавалирси се откажале од ангажманот на Џамал Крофорд, со оглед на тоа дека за помала сума може да го ангажира Осман, кој ќе ја засили конкуренцијата на бековските позиции.

Џеди Осман имаше солидна сезона во Ефес, каде во Евролигата на 35 натпревари во просек имаше 7,1 поен и 2,8 скока по меч, додека пред две сезони беше далеку поуспешен во своите игри и важеше за еден од најдобрите млади кошаркари во Европа.