Остварена е првата победа: Деари и Грабул за конечен триумф против Малта

397

Македонската Дејвис куп репрезентација ја оствари првата победа на турнирот што се одржува во Созопол, Бугарија.

Во дуелот против Малта, нашите тенисери славеа со конечни 2-1, а до триумфот стигнаа на денешниот одложен меч во двојки. Место синоќа, натпреварот се одигра утринава, а Шендрит Деари и Димитар Грабул ги победија Метју Ашчак и Омар Судзука со 2-0 во сетови (7-5, 7-5). Во двата сета, македонските тенисери освоија по два брејка, а од рака им одеше и сервисот бидејќи остварија седум аса, за разлика од противниците кои ниеднаш не освоија директен поен од сервис.

Денеска, нашите тенисери имаат набиена агенда бидејќи прво се среќаваат со Исланд, а потоа и со Молдавија. Потребно е првото место во групата за пласман во утрешното финале каде противник ќе биде најдобриот од групата А. Таму се наоѓаат домаќинот Бугарија, Ерменија и Грција.