Нови школи во сите фудбалски центри ќе работат под капата на ФК Академија Пандев

206

Добра вест за сите деца што сакаат да учат и тренираат од професионалци.

Младите таленти во ФК Академија Пандев постојано се докажуваат и го подигаат реномето на Младинската фудбалска школа што функционира под капата на ФК Академија Пандев. Постојано се на врвот на табелите во своите генерации во националните првенства и куп натпреварите, и се освојувачи на голем број меѓународни турнири.

Моменталниот број на членови во фудбалските младински школи на Академија Пандев брои околу 500 млади таленти, а новата цел е во ФК Академија Пандев да учат и тренираат  околу 2000 деца. Тоа означува отворање на фудбалски школи  во сите поголеми фудбалски центри и можност за повеќе деца да имаат пристап до квалитетен тренинг.

Од раководството на ФК Академија Пандев изјавија дека плановите во иднина се преку ширење, омасовување и квантитет да се издвои вистинскиот квалитет! Тоа и сега е случај, односно голем дел од постојните членови се дел од националниот тим во нивните генерации, а некои се пред трансфер во странски клубови. Целта е да се опфатат децата од 7-16 години со посебен акцент на групите од  7-12 години кои би работеле под унифицирана програма координирана од регионалните координатори.

Младински фудбалски школи раководени од професионалци треба да има во секој град, а за таа цел ќе се ангажираат посветени луѓе во веќе постоечките фудбалски школи или ентузијасти кои сакаат спортот да го подигнат на повисоко ниво и ќе се препознаат во визијата на ФК Академија Пандев.

Предвидениот почеток на сите младински фудбалски школи е во месец август, и сите ќе работат по нов систем на организација и програма.

Откако ќе се формираат сите школи, контактите за уписи ќе бидат објавени на официјалниот сајт на Ф.К Академија Пандев и социјалните мрежи.