Ниту Матиќ, ниту Дајер: Јунајтед се насочува кон ѕвездата на Рома

6869

Според пишувањата на италијанските медиуми, Жозе Мурињо би можел да добие големо засилување ова лето.

По Виктор Линделоф и Ромелу Лукаку, управата на Манчестер Јунајтед се насочува кон засилување на средниот ред.

Првата жеба беше Немања Матиќ од Челзи, но трансферот пропадна откако Мурињо го украде Лукаку, па Челзи од одмазда не сака да го пушти Србинот. Потоа се појави нов заплет кога според некои шпекулации Мурињо сакал да го украде и Бакајоко од Челзи, но сето тоа пропадна, откако денеска стана јасно дека францускиот репрезентативец ќе биде нов играч на Челзи.

Во последните денови најсериозно се зборуваше за Ерик Дајер од Тотенхем, но Спарси бараат преголема сума на пари за англискиот репрезентативец, па очигледно Мурињо се насочил кон сосема нова мета ова лето.

Се шпекулираше и претходно дека „Специјалниот“ во својата екипа би сакал да види уште еден Белгиец, а тој покажа интерес за играчот за врска на Рома Раџа Наинголан.

Одличниот играч за врска имаше блескава сезона во Рома, уште еднаш ја докажа својата класа, а често притоа најавуваше дека не сака да си замине од Рим.

Сепак, тоа би можело да се промени. Сега се појавуваат нови информации, а според пренесувањата на „Дејли Мејл“, управата на Рома е подготвена да седне на преговарачка маса со управата на Јунајтед.

Наинголан во Англија би добил далеку повеќе пари отколку во Италија, се претпоставува дека би можел да заработи и двојно повеќе отколку на Апенините.

Рома ова лето веќе продаде тројца важни играчи, со оглед на тоа дека си заминаа Ридигер, Паредес и Салах, па изгледа дека новиот спортски директор Мончи подготвува целосна реконструкција на „Олимпико“.