Никола Јакимовски – потценет во Македонија, почитуван во странство

4123

Минатата недела, малиот италијански клуб Беневенто првпат во својата историја обезбеди пласман во Серија А.

За пошироката македонската спортска јавност, тоа немаше да биде од големо значење ако не се знае дека дел од историскиот успех на “малиот” клуб беше нашиот интернационалец Никола Јакимовски. Иако обременет со повреди, 27-годишното лево крило даде голем придонес, особено во првиот дел од сезоната кога беше меѓу постандардните во тимот.

Јакимовски има мошне интересна фудбалска приказна. Својата кариера, главно ја градеше во странски клубови со исклучок на 1,5 сезона кои ги помина во татковината, односно во Македонија ЃП и Тетекс, но тоа беше на самиот почеток. Прво замина во Ференцварош, па во Јавор, Нагоја, Јагодина, а последните три години е во Италија како член на Варезе, Комо, Бари и сега Беневенто.

Оние што го знаат се чудат како Јакимовски досега не доби повик за македонската репрезентација имајќи предвид какви се фудбалери продефилираа во дресот со националниот грб последните години. Но, самиот Јакимовски не е многу загрижен за тоа. Со нетрпение ја очекува новата сезона и дебитантскиот настап во италијанската фудбалска елита.

СПОРТКЛУБ.МК: На почетокот, честитки за пласманот во Серија А, нема многу Македонци што можат да се пофалат со ваков успех. Што значи тоа за вас лично и за клубот Беневенто ако се знае дека никогаш порано не играл во италијанската фудбалска елита?

ЈАКИМОВСКИ: Пред се, благодарност до Спортклуб.мк што прв ми го честита успехот и се сети на мене во овие убави моменти. Јас секогаш зборувам во множина и екипата ја ставам пред индивидуата затоа што фудбалот е колективен спорт.

За клубот, и пред се градот, е многу голем успех и чест, за мене исто така, но секогаш треба да гледаме напред, во фудбалот не постои вчера – постои само утре, иако испишавме историја.

СПОРТКЛУБ.МК: Иако релативно млад (27 години), Вие сте еден од македонските фудбалери со најголемо интернационално искуство, од Италија до Јапонија. Која е причината поради која никогаш не заигравте во репрезентацијата на Македонија, па дури и не добивте шанса да покажете што знаете?

ЈАКИМОВСКИ: На тоа прашање ќе морате да побарате одговор од лицата кои одлучуваат за тоа кој ќе игра, а кој не за репрезентацијата. Јас во таа репрезентација имам многу другари и секако им посакувам се најдобро од срце.

Мој личен заклучок зашто не играм за нашата репрезентација е тоа што веројатно за македонските стручњаци не сум доволно добар, друга причини сигурно не постои.

Би сакал да ја искористам можноста да им посакам на нашите репрезентативци до 21 година многу успех на претстојното ЕП.

СПОРТКЛУБ.МК: Многумина велат дека сте еден од најпотценетите фудбалери од Македонија. Што мислите Вие за тоа?

ЈАКИМОВСКИ: Не го гледам тоа така. Во се се трудам да најдам позитивна работа, секогаш гледам напред, се трудам да напредувам од ден во ден во секоја сфера од животот, ако не сум доволно добар сигурно немаше да играм сега во Италија. Во фудбалот нема гледање низ прсти. Можеби во младинските категории, но потоа се излегува на виделина.

Ако морам да кажам, потценет веројатно сум дома, но, за среќа сум почитуван во странство за што најдобра потврда се резултатите и моите ангажмани.

СПОРТКЛУБ.МК: Се знае ли во моментов дали останувате во Беневенто и идната сезона?

ЈАКИМОВСКИ: Имам договор на уште две години. Разговарав со тренерот и со претседателот кој е исклучително голем, чесен и добар човек и двајцата сакаат да останам во клубот и покрај последните три тешки месеци за мене.

СПОРТКЛУБ.МК: Имајќи предвид дека игравте во многу држави и клубови, од каде носите најубави спомени?

ЈАКИМОВСКИ: Од сите земји носам убави спомени, од сите научив многу, во секоја од нив имам многу пријатели, имав многу честитки од Јапонија, Србија, Унгарија. А, секако дека најубаво ми е во Италија.