Не смееме да зависиме од никого, ништо освен победа не е избор за Македонија

537

Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва игра многу важен натпревар во рамките на претквалификациите за пласман на СП во 2019 година.

Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков се пред сериозен испит вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ од 20:30 часот каде ја дочекуваат Естонија, а селекторот Давитков предупредува дека противникот не е ни најмалку наивен и може да биде многу опасен. Изминатата среда, во тежок натпревар, македонските кошаркари забележаа пораз на гостински терен против Косово, а денес на првиот натпревар на домашен терен ќе се обидат да го поправат впечатокот и да се вратат на победничките патеки.

„Се работи за добра екипа која игра многу агресивно. Имаат силни 11-12 играчи кои играат силно по цел терен, 40 минути и трчаат доста. Имаат силни шутери кои се извлекуваат и шутираат. Ние ги гледавме и скаутиравме овие денови и се надевам дека ќе одговориме успешно. Ќе биде доста тежок натпревар, мораме да играме максимално во одбрана, максимално сконцентрирано во транзиција и да се обидеме да победеме. Ние и немаме друг избор освен победа на овој натпревар. Мора да победиме и тоа е тоа – ќе нарпавиме сè од себе за да победиме. Сигурно после поразот во Приштина малку атмосферата не беше на највисоко ниво, се обидовме овие два дена да ја вратиме. Ќе видиме како ќе биде тоа вечер. Се надевам дека сите играчи ја сфатија сериозноста на ситуацијата и дека немаме друг избор освен вечерва да победиме. Се надевам дека и публиката ќе дојде во поголем број и ќе нè поддржи во тоа“, истакна Давитков.

Македонија мора да победи, затоа што евентуален пораз ќе значи дека нема да зависи сама од себе за пласман во квалификациите. Мечот Македонија – Естонија е дел од второто коло каде е слободнаселекцијата на Косово, која ја совлада Македонија пред неколку дена со 72:68. Средбата меѓу Македонија и Естонија е вечерва од 20.30 часот.