Надежите дојдоа до најголемиот успех во репрезентативниот ракомет: Русија демолирана, ќе играат за петто место!

1978

Македонската младинска ракометна репрезентација го оствари најголемиот успех во историјата на нашиот репрезентативен ракомет на едно Светско првенство, откако ја совлада Русија и ќе игра за петто место на едно Светско првенство!

Надежите покажаа дека убедливиот пораз од Франција во четвртфиналето не ги демотивирал, па во првиот меч од разигрувањето за пласман од 5 до 8 место убедливо ја демолираше Русија со 36:27. По овој меч, нашите ракометари ќе играат за петто место против победникот од дуелот Унгарија – Тунис.

Русија успеа да парира единствено на самиот почеток од натпреварот кога и поведе на стартот со 0:1. Се потоа беше во знакот на Македонија. Успеваше „Зборнајата“ да се одржува во живот до 4:4, за потоа да намали и на 6:5, но оттогаш на сцена стапи македонската „фурија“. Во листата на стрелците се запишуваа сите ракометари – Нелоски, Кузмановски, Талески, Лазаревски, Јагуриновски, Палевски, Велковски, па дури и голманот Томовски успеа да се запише во листата на стрелците за „чиста десетка“ и убедливи 21:11 по првото полувреме.

Во второто полувреме Русија не можеше да погоди 6 минути, а Македонија стрелаше во серија за највисоки плус 14, 25:11. Темелковски на терен ги внесе играчите со помала минутажа, но тоа не се забележа многу во резултатот, иако Русија намали на минус 11, 29:18. И покрај високата негатива Русите играа многу грубо во одбраната и немоќта ја искажуваа преку намерни стартови, па си заработија и два црвени картони.

До крајот се играше опуштено и не се внимаваше многу на одбраните па се постигнаа многу голови за конечни 36:27. По оваа висока победа, Македонија ќе го чека исходот од дуелот што се игра од 16 часот меѓу Унгарија и Тунис, а со победникот од тој дуел ќе игра утре во борбата за петтото место и за уште поголем мундијалски успех од загарантираното шесто место, со што го надминаа седмото место на ракометарките на СП во Германија 1997 година.