Монако како Ајакс во 1995: Единствено од што можат да се плашат е самиот страв

1605

Дали овој тим на Монако би можел да го повтори успехот на онаа златна генерација на Ајакс од сезоната 1994/1995?

Франк Рајкард веќе беше на залезот на кариерата, Дани Блинд како најискусен ја носеше капитенската лента, браќата Де Бур со своите 25 години беа помеѓу позрелите во тимот на Луј ван Гал. Со исклучок на првите двајца, никој од стартерите на Ајакс од тој 24. мај во 1995. година немаше повеќе од 25 години. Тоа беа некои нови деца. Деца кои фудбалската планета ја воодушевуваа уште долго по тој минимален триумф во финалето со Милан на „Ернст Хапел“ стадионот. Секако, тука беше и еден Кларенс Сидорф, неуморниот Едгар Давидс, како и Јари Литманен, Едвин ван дер Сар, Марк Овермарс, a за головите беа задолжени Патрик Клајверт и Нванкво Кану…

И никој после Ајакс. Никој за веќе 22 години не успеа со така млад тим да се вмеша во борбата за самиот врв на Европа. Се додека не се појави Монако под водство на Леонардо Жардим.

Во оваа последна победа над Борусија, со која само беше заверена влезницата во полуфиналето, бидејќи на сите по дуелот на „Вестфален“ им беше јасно дека Монако е поквалитетен тим, само Радамел Фалкао, Даниел Субашиќ и Жоао Мутињо имаа преку 30 години, Камил Глик е на самата граница.

Останатите стартери на Жардим?

Бенјамин Менди 22 години, Алмами Туре 20, Жемерсон 24, Тиму Бакајоко 22, Томас Лемар 21, Бернардо Силва 22 и најсјајниот дијамант во богатството на Монако – Килијан Мбапе со своите тукушто наполнети 18 години! Во просек 24,5 години.

Стартниот состав на Ајакс од финалето во Виена во просек имаше 25 години.

Субашиќ, како и резервистите Раџи, Дирар и Жермен беа тука и кога Монако беше на дното во втората француска лига, пред Димитри Риболовљев да дојде со своите милиони во клубот, пред да сфати дека сепак не може да се трка со шеиците од Блискиот Исток. Риболовљев се „залета“ со мултимилионските трансфери поради фактот што Монако не плаќаше данок како останатите француски клубови, дури 50% за повеќе милионските суми. Тоа правило набрзо беше сменето, па Русинот мораше да ја промени својата политика.

Тогаш Риболовљев сфати дека спасот е во младите играчи. Но ниту рускиот милијардер, па и да е најпаметен на светот, сигурно не можел да предвиди ваков Монако. Никој не можеше да го направи тоа.

Најпрво Фенербахче во третиот круг од квалификациите, па Валенсија во плеј-офот. Во групната фаза Баер Леверкузен, Тотенхем и ЦСКА Москва, во осминафиналето беше прегазен Манчестер Сити, а во борбата за четирите најдобри ја преслуша Борусија Дортмунд. Јасно е, никој не може да му замери на Монако дека тука не му е местото.

Во нокаут фазата од натпреварување, четири пати во низа постигнаа по три гола, набројувањето на сите рекорди кои ги постави Мбапе веќе е залудно, како и набројувањето на сите клубови кои застанаа во ред за младата ѕвезда на Монако. Бидејќи буквално нема некој голем тим на Стариот континент кој не тропна на вратата на „Кнезовите“ со бланко чек и пенкало во рацете.

Да не бидеме наивни – овој тим ќе се распадне веќе на лето. Можеби спортскиот директор Антонио Кордон, кој минатите 17 години таа функција ја извршуваше во Виљареал, ќе успее да ги надомести сите тие престојни заминувања, како неговиот претходник Луис Кампос, кој направи на Азурниот брег веќе да се заборави на Антони Марсијал, Жофри Кондогбија, Левин Курзава, Јаник Караско, Хамес Родригез… Но, тоа повеќе нема да биде ист тим.

А баш овој и ваквиот Монако, со сите свои мани како што е онаа кога обично на почетокот од второто полувреме преспиваат едно 20 минути, заслужи да биде меѓу четирите најдобир во Еввропа. Заслужи и никој да не го отпише однапред пред оваа завршна борба. Монако тешко дека ќе е идеален противник за полуфиналето.

Реал сигурно според имињата го има најквалитетниот тим од преостантите четири кандидати, само кога ќе се фрли поглед на клупата фаќа страв, а во првиот тим не смее ниту да се погледне за да не ви се пресечат нозете. Јувентус направи Барселона да се чувствува ужасно немоќно, особено Лео Меси. И никој не сака да се „степа“ со пит буловите на Симеоне од Атлетико, бидејќи сите знаат дека ќе добијат ќотек…

И да, секако дека Монако игра најубав фудбал во Европа. Можеби нема да го помодри противникот како Атлетико, да го фрли во очај како Јувентус, ниту да го доведе на работ на инфаркт како Роналдо кога ќе постигне два гола тогаш кога мислиш дека го држиш под контрола, но ако некој може да го понижи противникот, да му даде три гола иако има трипати поголема плата, додека Мбапе и ден денеска живее во собата на клупската акдемија, тогаш тоа е Монако.

Познат е цитатот на Френклин Рузвелт – „Единствено нешто од што треба да се плашиме е самиот страв“.

Навистина, овие момци немаат од што да се плашат. Што имаат да загубат? А кога немаш што да изгубиш – можеш само да добиеш. Па дури и титулата европски првак.

Затоа никој – ни Реал, ни Јуве, ни Атлетико, нема денеска на ждрепката да се надеваат дека ќе го извлечат името на Монако.