Моменти кои не се забораваат: 15 години од историската титула на Кометал Ѓорче Петров

717

19. мај 2002 година останува како ден кој засекогаш останува испишан со златни букви и длабоко врежан во историјата на македонскиот спорт.

На денешен ден, пред 15 години на радоста и немаше крај, затоа што женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска ракометна титула во Македонија, откако го крена престижниот трофеј во Лигата на шампионите.

Тукму на овој ден во 2002 година, Кометал Ѓорче Петров во мечот за титула го совлада тимот Херц Ференцварош со 26:22 (вкупни 51:49) и направија секој човек во нашата држава да биде горд, а најмногу славеа оние кој го сакаа ракометот кој и тогаш и сега останува спорт во кој Македонија го има единствениот европски шампион.

Првиот меч кој што се играше во Унгарија заврши со пораз од два гола на Кометал ЃП (25:27), но нашиот тим на реваншот во ракометната тврдина „Кале“ успеа да победи со 26:22 и да донесе голема радост за нашата земја, прва во историјата. Екипата на Кометал ЃП предводена од капитенот Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Валентина Радуловиќ, Олга Бујанова, се само дел од тимот на Александар Панов кој станаа хероини за целата нација.

И по 15 години, Македонија има ракометни тимови со кои се гордее. ЖРК Вардар беше на прагот да го повтори успехот на Кометал, но падна на последниот чекор, откако загуби од Ѓер. Несомнено е дека ЖРК Вардар во скоро време ќе го повтори успехот и ќе слави во Лигата на шампионите, но, она што се случуваше со настапот на Кометал ЃП засекогаш ќе биде во сеќавањето на љубителите на ракометот во нашата земја. На ракометарките на Вардар им останува предизвикот за да го повторат тој успех и повторно да ја израдуваат Македонија, како што беше пред 15 години.

https://youtu.be/sxyt3ZSmgFQ

Претходно тимот на Кометал играше во финалето против Хипо во 2000 година, но не успеа да ја освои титулата. Шансата против унгарскиот Херц, кометалки не смееја да ја пропуштат, бидејќи цела држава беше со нив. По минималниот пораз во Будимпешта, македонскиот тим славеше во реваншот со 26:22 и ја надмина негативата. Романката Луминица Дину царуваше на голот, а Индира Кастратовиќ на теренот. Подоцна Кометал ЃП повторно стигна до меч за трофеј, но загуби од данскиот Шлагелсе, пред да се распадне во 2009 година.

15 Ракометарки кои играа на легендарниот натпревар против Херц се: Дину, Калиниченко, Кастратовиќ, Платон, Велкова, Бујанова, Чупиќ, Будимир, Ферзалиева, Андрушенко, Нацева, Малахова, Плошчинска, Златановска.

Секако, незаборавна од тоа време и ден денеска останува химната на Кометал Ѓорче Петров.