Младите ракометари на прием кај претседателот Иванов

529

Младите македонски херои денеска пристигнаа во Скопје, надежите направија историски успех на Светското првенство во Алжир освојувајќи го шестото место.

На аеродромот во Скопје, надежите најпрво беа пречекани од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, ги прими младинските репрезентативци во својот кабинет на Водно и им честита за освоеното шесто место, односно за големиот успех што го постигнаа во Алжир, што всушност е најголем успех на една македонска репрезентација на планетарни собири во било кој спорт.

„Многу сме горди на вас, ви посакуваме да бидете успешни како вашите постари колеги и со големи резултати да не радувате. Вие сте млади, пред вас е голема спортска иднина“, им порача претседателот Иванов.

Огромен дел од заслугите за историскиот успех одат на адреса на селекторот Илија Темелковски.

„Ова можеби е најголемиот успех во колективниот спорт во Македонија, ние сме дел од светскиот ракометен врв. Ракометарите одиграа со срце, имавме тешки противници и заслуживме да бидеме таму каде што сме. Ова е извонредна генерација на ракометари пред која е голема иднина“, изјави Темелковски.