Милевски пресече: Од март ќе играме со нови играчи, овие не можат да се носат со предизвикот!

1770

По убедливиот пораз на домашен терен од Австрија со 4:0, селекторот на македонската фудбалска репрезентација до 21 години, Благоја Милевски најави дека ќе направи рез и реконструкција во националниот тим.

Милевски предупреди во пресрет на овој натпревар, дека ова е последна шанса за некои фудбалери да покажат дека заслужуваат да играат за националниот тим, особено поради залагањето на натпреварот со Гибралтар. Очигледно некои фудбалери не го сфатија сериозно ова предупредување, па денеска на Македонија и се случи нов дебакл среде Скопје.

По денешниот пораз од Австрија, Македонија останува без шанси за освојување на едно од првите две места и повторување на успехот на претходната генерација, доживувајќи го третиот пораз во четвртиот квалификациски натпревар.

Милевски, сепак, ја презеде одговорноста за неуспесите во овие три натпревари, притоа истакнувајќи дека од март ќе мора да формира нова генерација која ќе ја подготвува низ веќе загубените квалификации и ќе ја воигрува за следниот квалификациски циклус.

„По еден ваков убедлив пораз од 0:4, нема што многу да се зборува и да се каже. И честитам на Австрија за заслужената победа, се покажаа како поквалитетен и подобар тим, а ние дека имаме големи проблеми. Три од четирите гола дојдоа по наша грешка. Имавме шанса да дадеме гол, а не успеавме. Јас ја сносам одговорноста за поразот и можам да најавам дека ќе има големи промени во националниот тим. Поразот од Гибралтар беше опомена за некои репрезентативци и веќе од март ќе има нова селекција на фудбалери. Ќе започнеме со подготовки за следниот циклус“, изјави Милевски.

Можеби ќе беше поинаку да не доживеевме срам против Гибралтар, но веќе е јасно дека оваа генерација е безнадежна, односно е далеку од квалитетот и резултатите кои ги постигна претходната. Милевски истакна дека дел од овие репрезентативци не можеле да се носат со притисокот и предизвикот што го носи националниот тим до 21 година.

„Очигледно е дека поголем дел од фудбалерите не можат да се носат со притисокот што го бара репрезентацијата до 21 година, особено по успесите што ги оствари минатата генерација. Сега, за жал, се наоѓаме во ситуација во која бевме пред 3-4 години, пред да почнам да работам во оваа селекција. Во ситуација сме на половина циклус да почнеме со подготовка на една нова репрезентација. Јас ја сносам одговорноста, бидејќи јас ги бирам играчите. На подготовките и поголемиот број натпревари тие покажаа потенцијал и талент, но очигледно не можат да се носат со притисокот“, потврди Милевски.

Селекторот потврди дека во У21 селекцијата ќе бидат додадени фудбалери од У19 која е преполна со талент и потенцијал и практично рутинирано обезбеди место на елитните квалификации, како првопласирана во својата група со победи над фаворитите Швајцарија и Белгија, како и аутсајдерот Лихтенштајн, со максимални три победи.

„Дел од играчите во У19 секако дека ќе бидат приклучени во У21. Сепак, ќе зависи од елитните квалификации и дали термините ќе ни дозволат такво нешто. Тука има дел од играчи и од генерацијата 1998 кои ќе бидат приклучени. Четворица од оваа генерација веќе беа тука денеска“, заклучи селекторот Милевски.